Најмоќниот ураган кој некогаш е забележан на подрачјето на Атлантскиот Океан, Ирма, стигна до североисточните карипски острови и премина преку Барбуда предизвикувајќи прекин на телефонските линии, а се предвидува дека за викендот би можел да ја погоди и американската сојузна држава Флорида. Ураганот донесе обилни дождови и силни ветрови на островот Антигва каде што луѓето се собрани во домови и владини засолништа. Надлежните ги предупредија жителите да се засолнат од ураганот, кој уништува сѐ пред себе.

Претходно, американскиот Национален центар за урагани објави дека ураганот Ирма е сѐ поблиску до островите Ливорд во Крипското Море, а во текот на денешниот ден невремето од петта категорија би требало да премине и преку другите Карипски Острови. Според извештаите, овој ураган носи ветрови со максимална брзина од 295 километри на час, пренесе „Ројтерс“. Застрашувачки снимки од ураганот денеска објави НАСА чии сателите го снимија големото невреме на Земјата.

„Њујорк тајмс“ наведе дека Ирма би можела да предизвика големо уништување во Порторико, на американската територија на Карибите каде што живеат 3,4 милиони луѓе, на блиските острови Хиспаниола, кои ги делат Доминиканската Република и Хаитите, Антигва, Сент Китс и Невис, како и Американските Девствени Острови, а во опасност е и Куба.