ВМРО ДПМНЕ на најдемократски начин го врши изборот на кандидати за советници, преку Урбаните заедници кои ги доставуваат своите предлози до Општинските комитети, кои од пристигнатите предлози ја составуваат листата која треба да го мине последниот филтер пред повисоките партиски тела. Веруваме дека имаме одлични кандидати за советници, како и кандидат за градоначалник, со кои ќе победиме на претстојните локални избори. Ова во интервју за OhridNews го изјави претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид, Сашо Донев. Иако во јавноста токму неговото име кружи како носител на кандидатската листа за советници на ВМРО ДПМНЕ во Охрид, Донев одби директно да го потврди тоа, посочувајќи дека сепак треба да се сочека одлуката на партиските тела која се очекува деновиве.

Донев најави дека ВМРО ДПМНЕ ќе води позитивна кампања, во рамки на која ќе ја презентира сопствената програма и визија за подобар Охрид. Најави соработка со коалицијата Алтернатива – Алијанса за Албанците на претстојните локални избори, истакнувајќи дека од голема важност е советот да има стабилно мнозинство, што ќе биде една од главните изборни цели на ВМРО ДПМНЕ. Доколку неговата политичка опција победи на изборите, во што тој е уверен, вети транспарентна локална самоуправа, ефикасна општинска администрација и јавни претпријатија, заштита на животната средина и спроведување на препораките на УНЕСКО.

Видео интервју со претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид Сашо Донев

Г. Момироски