Не мислам дека иднината на Охрид е во масовниот туризам туку во високиот туризам. Трансформација се разбира не може да се случи преку ноќ, но треба да се работи на тоа и да се подобрува понудата со настани кои ќе привлекуваат квалитетни гости, како што е „Охрид ТрчаТ“. Ова во интервју за OhridNews го изјави Амбасадорот на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар, кому за помалку од еден месец му истекува мандатот.

Видете има два вида на туризам. Го знаете Зрче на островот Паг во Хрватска, познато место за млади луѓе и го имате Св. Стефан во Црна Гора. Мислам дека Охрид е повеќе Св. Стефан отколку Зрче. Не мислам дека иднината на Охрид е во масовниот туризам туку во високиот туризам. Се враќав пеш од Европската вечер на Охридско лето во хотелот и беше мошне тивко во Охрид и сметам дека тоа е таа смиреност што доаѓа со градот. Има нешто во воздухот тивко и смирувачки, ова не е град во кој што треба да пристигнуваат автобуси. – вели Жбогар.

„Охрид ТрчаТ“ е бренд кој треба да се поддржи затоа што може да носи квалитетни гости кои тука ќе доаѓаат со семејствата, посочува Амбасадорот. Не е сигурен дали ќе биде во можност да учествува на трката следниот викенд, поради повредата која го мачи подолг период, но поддршката од него нема да изостане и овој пат.

Во опуштениот разговор на бродот „Армада“, Амбасадорот Жбогар отворено зборува за неговиот престој во земјата, трчањето кое е негова пасија, за љубовта кон Охрид, бројните спомени со кои ќе си замине и очекувањата. Открива пикантерии и интересни моменти од престојот во Македонија, што му се допаѓа, а што не, говори за пријателствата кои ги создал тука, јадењата кои го освоиле… Покрај за личните доживувања и планови, Амбасадорот зборува и за перспективите на земјата и младите тука и упатува силна порака до граѓаните како да се однесуваат кон креаторите на политиките во земјата.

Се надевам дека во иднина, во годините кои следат, не толку далеку, како и со помош на процесот со Европската Унија, дека луѓето се повеќе и повеќе ќе ја гледаат иднината тука, ќе го видат светлото на крајот на тунелот, ќе видат дека работите се менуваат во земјата на начин на кој (луѓето) сакаат да се менуваат. Ова е тоа што го посакувам. Но, сметам дека имајќи ваква држава, треба да сте самоуверени, треба да имате самодоверба за да ја направите државата онаква каква што сакате и секако треба да имате високи барања од вашите политичари и да барате одговорност од нив. – рече Жбогар.

Повеќе погледнете во видео интервјуто со Амбасадорот Жбогар, што OhridNews го реализира во соработка со „Мега Продукција“.

OhridNews
Фото: А. Момироска