Ракометен спектакл утре во Охрид во второто коло од плеј-офот во Супер лигата. „Гладијаторите“ на домашен терен го пречекаат актуелниот шампион Вардар 1961.
Капитенот Крсте Андоновски на денешната прес конференција истакна дека ќе дадат се од себе на натпреварот упатувајќи повик и до НГ „Рибари“ и до сите љубители на ракометот за поддршка.
Добро се подготвувавме за овој натпревар, преку видео анализа, тактичка поставеност на играта и можам да ветам голема борбеност и доколку ни се пружи шанса се надевам дека ќе ја искористиме. Сакам да нагласам дека за поздравување е враќањето на НГ „Рибари“, тие се наша голема поддршка и ги повикувам сите љубители во што поголем број да дојдат и заедно да бидат дел од овој ракометен спектакл, вели Андоновски.
Дека се максимално посветени и мотивирани за претстојниот натпревар потенцираше и пивотменот на ГРК Охрид Иван Тасески.
Како и на претходните натпревари, сигурен сум дека и во овој натпревар ќе влеземе максимално мотивирани, бидејќи не треба некој посебен мотив да бараме, туку имаме голем мотив со самото тоа што доаѓа шампионот на Македонија. Имаме доста промени во бековската линија за разлика од претходната полусезона. Но, со контролните натпревари и еден од плејофот, веќе се уиграивме доста. И имаме доста намалено на технички грешки со што мислам дека ќе излезем во подобро светло за разлика од есенскиот дел и ќе пружиме повеќе отпор на овој натпревар, вели Тасески.
Натпреварот се игра во сабота во салата „Билјанини ивори“ со почеток во 18.30 часот.
OhridNews