Размена на искуства, најнови информации и добри практики, но и нивна имплементација во фабриката на „Костал“ во Охрид, која е во најважниот фокус од сите европски локации како фабрика со голем потенцијал и раст во групацијата „Костал“, се целите на глобалната инженерска средба што се одржува во Охрид.

Во оваа насока дваесет и пет глобални менаџери за инженерство од групацијата „Костал“ од сите нејзини локации глобално од Кина, Бразил, Мексико, како и од Европа, шест дена се во посета на Охрид и  производствените капацитети на „Костал“.

Извршниот потпретседател за производно инжинерство во „Костал“, Бенедикт Конрад, посочи дека „Костал Македонија“ иако најмлад член на Групацијата  веќе е важен партнер во компанијата на глобално ниво, како во делот на мехатроника, така и во енергетската електроника.

Целта на нашето доаѓање тука е да видиме како ентитетот расте, каков е неговиот перформанс, како и да ги увидиме најдобрите практики од „Костал Македонија“, релативно млада организација која покажува одличен дух и придонесува во развојот и работата на компанијата во светски рамки. Од друга страна, сакаме на македонскиот тим да му овозможиме да го почувствува бенефитот на глобалната организација, нивните согледувања, нивната експертиза и искуствата во градењето на глобална мрежа, во која Македонија и македонскиот тим се суштински дел, не само во Европа, туку и глобално, во рамки на мехатрониката и енергетската електроника. И, крајната намера е тоа што го научивме тука да го примениме, да формираме т.н. едно инженерство како глобална мрежа, применувајќи ги најдобрите практики во работењето, од почетната фаза во работилница до сериско производство. За ова дискутираме на работилницата во Македонија, каде имаме млад тим кој во изминативе 6-7 години оствари рапиден раст и затоа се потпираме на инженерските ресурси и знаење тука локално, вели Конрад.

Главниот оперативен директор на компанијата „Костал“, Ханс Јорг Херман, посочи дека глобално автомобилската индустрија се соочувала, се соочува и ќе продолжи да се соочува со предизвици, но „Костал“ е компанија која партиципира најмногу во светското производство на електрични автомобили.

Ќе започнам во обратен правец, какви се изгледите за автомобилската индустрија на глобално ниво. Беше предизвикувачки, е предизвикувачки и ќе продолжи да биде предизвикувачки во автомобилската индустрија. Но, „Костал автомобил електрик“ има прекрасни продукти, и придонесува веројатно повеќе од било кој друг автомобилски добавувач кој го знам во тој мега тренд на е-мобилност и електрификација на возилата во сите димензии. Многу е важна нашата инвестиција во производство на вградени полначи која што ја направивме тука во Охрид. На само 4-5 км. од овде ја склопуваме Volkswagen SAT компонентата, огромен проект од најновата генерација за нашиот драг клиент Volkswagen, што само ја нагласува големата инвестиција што ја правиме во Охрид, колку е важна Македонија како локација за нас и колку веруваме политички во државата. Имаме 100% доверба дека ќе биде добра инвестиција. Ова е само почеток, ќе има и други нови проекти тука во Македонија, потенцираше Херман.

Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, потенцираше дека третата инвестиција која е околу 50 милиони евра заедно со првите две фази ќе надмине над 150 милиони евра вкупна инвестиција во Охрид, а ќе отвори дополнителни околу 200 до 250 работни места во технички напреден процес на производство.

Заради тоа имаме големи активности поврзани со тренинг и обука на сите вработени кои ќе се обучуваат во нашите глобални локации во Ирска, потенцијално дел од нив во Кина, а веќе имаме овде во август и септември, а можеби и до католички Божиќ, тим од Ирска и Германија кој е директно насочен на дополнителни обуки и тренинг на нашиот тим, потенцираше Мизо.

Инвестицијата предвидува два проекти – капацитет за производство на енергетски модул за полнење електрични возила што ја претвара електричната енергија од наизменична во еднонасочна, технички најсложена и најскапа компонента за автомобили досега произведена во земјава Другиот проект е изработка на кровни модули што ќе бидат вградувани во сите модели на Мерцедес од наредната година.

Систем кој е по вредност над 500 евра, најскапата би рекол компонента која е направена во било која компанија во Македонија од автомобилска индустрија и тоа е за хибридните електрични возила на Фолксваген групацијата. Тоа  значи дека Фолксваген, Ауди, Шкода и Сеат системи ексклузивно за глобалното производство на Фолксваген ќе се произведуваат токму овде во Охрид. Вториот проект е за кровни модули за Мерцедес групацијата, што значи дека сето тоа што е од А и Б класа Мерцедес на ниското ниво, до С класа Мерцедес вклучувајќи ги и електричните возила на Мерцедес, кровните модули ќе се произведуваат тука. Кровните модули ќе влезат во сите модели на Мерцедес од крајот на следната година и многу важно за овој проект е дека една од производните линии е целосно дизајнирана од наша страна и произведена во Македонија од страна на компании со кои ние имаме соработка како добавувачи. Целите технички системи за тестирање се од Германија, ама остатокот од производната линија е дизајнирана и произведена во Македонија, додаде Мизо.

Новиот, трет инвестициски циклус на „Костал Македонија“, планирано е да трае до крајот на 2026 година. Во моментов во компанијата работат 1.020 вработени со просечна плата далеку над просекот во државата.

 „Костал“ во Охрид станува важен играч во автомобилската индустрија на светско ниво

Н.С.Ј.
Фото. А. Момироска

Видео. Б. Стојаноски