Охридското Езеро е најстарото езеро во Европа потврдија германските научници кои беа дел од проектот за испитување на староста на езерото, кој беше спроведен во 2013 година.

Во документарен филм од германска продукција, кој деновиве беше објавен на Youtube со македонски превод, научниците од Геолошкиот институт при Универзитетот во Келн и Универзитетот од Гисен велат дека добиените податоци покажуваат дека езерото низ целиот временски период постоело во континуитет.

-Не постојат празнини во седиментните примероци и нема празнини во минатото на езерото и следењето на климатските промени што е важен предуслов за споредба на геолошките и биолошките испитувања, со што ќе се види дали имало одредени влијанија кои довеле до развој на одредени форми на живот, велат германските научници.

Тие објаснуваат дека биолошките податоци од испитаните седименти покажуваат дека езерото е геолошки помладо од она што се претпоставуваше и дека е старо 1 до 2 милиони години.

Проектот за испитување на староста на Охридското Езеро започна на 31-ви март 2013 година, со повлекување на платформата за дупчење на централната точка која беше лоцирана јужно од полуостровот Лин, на македонска страна, на длабочина од 250 метри. Платформата беше стабилизирана со 4 анкери тешки по 500 кг, прицврстени со челични сајли со должина од 150 метри.

Еден ден подоцна, на 1-ви април опремата беше тестирана и по успешниот тест на 3-ти април се започна со дупчење. Активностите беа организирани во две смени од по 12 часа, а ги извршуваа експерти за длабочинско дупчење од ДОССЕЦЦ, САД и експерти од Институтот за геологија и минерологија од Келн, Германија.

Најголемата длабочина при дупчењето на дното беше достигната во централната точка и истата изнесува 568 метри.

OhridNews

Извор:Youtube