Фрескоживописана единствената црква во земјава посветена на Свети Јован Владимир. Изградена во далечната 1925 година во струшко Подгорци црквата на 4 јуни, денот кога се слави овој светец, ќе биде преосветена.
Овој свет храм е изграден по иницијатива на мештаните од село Подгорци на старо вакавско место. Почнат е со градба 1924 година, завршен една година подоцна во 1925 и истата година е осветен. Храмот е во правоаголна едноставна форма со апсида напред, но тогаш не е фрескоживописан. Сега по 100 години од неговата градба, се фрескоживописа и плени со својата велелепност. Уреден е и просторот околу самата црква, вели свештеникот Димитрија Павлески.
Јован Владимир бил кнез, владетел на Дукља, кој во еден период бил заробен од Цар Самоил. Во затворот во Преспа го сретнала ќерката на цар Самоил и се вљубила во него и тој му станува зет. Но, трагично му завршува животот по распаѓањето на Самоиловото царство. Така завршува неговиот овоземен живот, но станува светител и го продолжува животот во царството небесно.
Шестнаесет месеци му биле потребни на зографот Тони Милцов да ги изработи фреските за кои вели се оргинална изведба, работени со многу голема желба.
Има фрески кои не постојат, начин на сликање кое јас овде не го имам видено во регионот. Во многу цркви работев вакво нешто нема, посебно житието на Св. Јован Владимир каде нема никави прегради. Фреските се поврзуваат. Заедно со професорот Сашо Цветковски најдовме решение како тоа да се направи и излезе многу убаво. Има фрески кои не постојат, ги комбиниравме од две, три. Наумив да направам нешто за кое и јас сам се чудам како го истерав до крај. Но, ете успеав. Се надевам дека оставам добар пример за идните генерации кои доаѓаат дека се е можно, вели Милцов.
Семејната историја се чини како многу да вмешала прсти кога станува збор за вклучување на Владимир Пупиноски како ктитор на црквата Св. Јован Владимир. Покрај низата случувања низ животот кои го поврзуваат со овој светител, огромна била и желбата да се дарува нешто што ќе остане за народот.
Ми причинува огромно задоволство што после три години, јас како ктитор на оваа црква Свети Јован Владимир, успеав со поддршка од луѓето околу мене да го финализираме и конечно да го фрескописаме овој храм, да го уредиме просторот, да ја реновираме црквата која е единствена во Македонија. Моите предци и корени се од Вевчани и Подгорци, тоа е една дополнителна сатисфакција, покрај тоа што го носам и името на светителот. Премногу сум задоволен што можев и луѓето од Црковниот одбор од Подгорци ми дадоа прилика да учествувам со уредување на овој храм. Го реставриравме и иконостасот. На предниот дел од црквата ќе стои мозаик кој го прави многу добар уметник од Вевчани, Коста Костоски. Се уреди целото дворно место, оградата, внатрешниот дел, кујната, составните делови на црквата и си годобие својот амбиент, да стварно заличува на едно убаво катче како што доликува на ваков храм, вели Пупиноски.
Упатува огромна благодарност до проф. Сашо Цветковски кој го изработи елаборатот, Дарко Стрезоски кој, вели, несебично се вложи, сите луѓе кои помогнаа во реализација, но и до Општина Струга што го направи патот до црквата.
Култот кон свети Јован Владимир е доста раширен и кај нас и на Балканот, вели Дарко Стрезоски, организатор на проектот.
Традиционално тука секогаш се собирал народ на така наречени софри. Секоја фамилија си имала свој дел околу црквата каде се собирала и организирале ручек. Тоа преминало во кумство. На 4-ти јуни се собира народот не само од Подгорци, туку и од соседните места. Во наредниот период очекуваме поголем прилив на туристи и посетители кои ќе доаѓаат да ја посетата црквата посветена на Св. Јован Владимир во Подгорци, додава Стрезоски.
Преосветувањето на црквата ќе се одржи на 4 јуни со почеток во 8:45 часот. Со овој свет чин ќе чиноначалствува Владиката Тимотеј. Претходно во 7:30 часот ќе биде отслужена утрена богослужба. За сите присутни верници ќе следува и богата културно уметничка програма.
Н.С.Ј.
видео/фото Б. Стојаноски