Деветнаесет пливачи, осум во женска и единаесет во машка конкуренција денес ja пливаат патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри од Свети Наум до Охрид во рами на 37-ми Охридски пливачки маратон.
Боите на Македонија ги бранат четворица маратонци и тоа Леонид Мишевски, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски во машка конкуренција, додека Росана Гошева во женска.
На маратонот учествуваат и пливачите Жулиен Пишо и Ензо Дусо во машка и Инес Делакроа, Инес Витрак Гарсија и Каролин Жуис, минатогодишната победничка на Охридскиот маратон во женска конкуренција, од Франција, Марсел Схауле од Холандија, Матеус Еванжелиста од Бразил, Марин Могиќ во машка и Матеа Сумајсторчиќ во женска конкуренција од Хрватска, Акиле Балауди во машка и Мајте Пука во женска конкуренција од Аргентина, Хелена Хвид Хансен од Данска, Доугкан Улач од Турција и Арион Будима во машка и Олта Бериша во женска конкуренција од Косово.
Стартот го означи градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков од Св. Наум во 11 часот, а успех на маратонците им посака претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова.
Температурата на водата е 24,5 степени, а дува северен ветер што ќе им претставува проблем на пливачите. Со оглед дека ветерот дува во спротивен правец маратонците, првите пливачи се очекува да бидат на целта некаде по 17:30 часот.
Наградниот фонд на маратонот изнесува 12000 евра, од кои 2000 се предвидени за најбрзите во двете конкуренции на две контролни бови, односно спринтови кај Пештани на 13 km и Метропол на 19 km. Оваа година маратонската трка е дел од престижната „LEN World Aquatics“.
Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе биде вечерва во дворот на хотелот „Палас“ со почеток во 19:45 часот.
Охридскиот пливачки маратон е главен спортски настан на второто издание на фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival. Организатор на маратонот е Општина Охрид со поддршка на Претседателот на Република Македонија, Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор на настанот е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид.
Н.С.Ј./Г.М.
Фото/видео: Бобан Стојаноски/Горан Момироски