Шест натпреварувачки во женска и девет во машка конкуренција денес ja пливаат патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри од Свети Наум до Охрид.

Оваа година покрај домашните шест пливачи Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски, Леонид Мишевски, Кристијан Стојановски, Ивана Неделковска и Јована Неделковска учествуваат и двајца пливачи од Аргентина – Ерика Јенсен и Матијас Дијаз, тројца од Италија – Елена Лионело, Марко Инглима и Алесио Очипинти, двајца од Турција – Туна Ердоган и Догукан Улач, како и Марсел Шоутен од Холандија и Каролин Жуис од Франција.

Стартот го означи градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков од Св. Наум во 10 часот.

Целта на Охридскиот маратон е Градскиот кеј околу 15 часот. Временските услови се идеални, водата е 24 степени, а температурата на воздухот се очекува да се искачи до 30 степени.

Наградниот фонд на маратонот е 12000 евра, од кои 2000 се предвидени за најбрзите во двете конкуренции на две контролни бови.

Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе биде вечерва во дворот на хотелот „Палас“ со почеток во 20 часот. По доделувањето на наградите ќе настапат КУД „Отекс“ кои годинава бележат јубилејни 40 години од своето постоење, по што следи настап на Ансамбл „Билјана“. Публиката ќе може да ужива и во вкусот на македонската традиционална храна на Слоу Фуд.

Во програмата на Охридскиот пливачки маратон е и младинската работилница на Програмата за развој на Обединетите нации и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ која започнува во 14 часот на Кеј Македонија.

Охридскиот пливачки маратон оваа година е дел од Фестивалот на вода, а се одржува во организација на Општина Охрид со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор е ПК Охридски бранови – Охрид.

OhridNews

видео/фото. А. Момироска