Педесет и девет годишниот доктор по спортска медицина Бошко Илиев од Кавадарци, познат во јавноста и како маратонски пливач, денеска го преплива езерото Глобочица. За тоа му е беа потребни 2 часа 9 минути и 32 секунди.
Езерото беше пријатно, мирно, одлично за пливање, можам да кажам едно од најубавите езера во кои досега сум пливал. Чисто, бистро, мирно, лесно се пливаше. Јас сум сега и во добра форма на крајот на сезоната и мислам дека одлично испливав, вели Др. Илиев.
Ова е негов 20 подвиг оваа година, а 159 во маратонската кариера посветена на промоција на убавините на Македонија и здравиот начин на живот.
Мојата порака ја праќам долги години. Ова ми е дваесетто езеро во Македонија што го промовирам како една наша убавина што ја имаме. Значи промоција на нашите езера, промоција на спортот и пливањето. Препорачувам на сите млади да го прават ова, да го практикуваат пливањето како еден од најздравите спортови.
Илиев не застанува тука. Вели времето се уште е добро и ќе го искористи да исплива уште неколку маратони.
Планирам во септември и октомври да направам уште неколку пливања во Грција, во други соседни земји, можеби и во Шпанија. Во Македонија сигурно, така што вкупниот биланс ќе биде повеќе од 20 маратони годинава, додава тој.
За подвигот Илиев доби признание од концесионерот на Глобочичко Езеро „Крап 2015“, Ѓоко Цветкоски, за спомен и убаво сеќавање на овој прекрасен септемвриски ден.
Д-р Бошко Илиев плива маратони од 2001 година, што индивидуално, како денеска на Глобочица, што на официјални натпревари. Досега пливал маратони во 14 држави, во најголем дел на Балканот.
Фото галерија:
Во шестата деценија д-р Бошко Илиев го преплива езерото Глобочица, 20-то годинава
Г.М./Н.С.Ј.
Фото: А. Момироска
Видео: Бобан Стојаноски