Двете василичарски друштва од горна и долна маала попладнево продефилираа низ вевчанските улици со што започна најстариот и најпознатиот карневал под отворено небо на овие простори. Вевчани пулсира во духот на креативноста, слободата, иронизацијата, ипровизацијата, критиката, пркосот и традицијата.

Вевчани пулсира во духот на креативноста, критиката, пркосот и традицијата
Вевчани пулсира во духот на креативноста, критиката, пркосот и традицијата – Фото: Емил Јовановиќ

И годинава, вевчанци преку маските кои ги „кријат“ во текот на изминатите 12 месеци на сатиричен начин ги прикажаа актуелните политички и секојдневни случувања од земјава и светот.

Вевчани пулсира во духот на креативноста, критиката, пркосот и традицијата

Во Вевчани се делеа Вевчански Ковид сертификати, беа прикажани талибанци во акција, и беа поставени вакциналните пунктови. Не беше изоставена ниту енергетската криза, а вевчанци не пропуштија да се пошегуваат и со пратеникот Кастриот Реџепи.

Маските ги прикажуваат работите што не требало да се прават во текот на целата година и на нив не треба да се гледа суетно, порача градоначалникот Спасе Кочовски пред почетокот на карневалското дефиле. Како што нагласи, маските не сакаат никого да повредат, ниту да навредат, туку само ја прикажуваат годината што измина на сатиричен и хумористичен начин.

Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба да се прави. Ако видите премногу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма, туку прикажуваат она што можеби не сакате да го видите во текот на годината и сте биле онаков каков што ќе се видите преку маските на василичарите, нагласи Кочовски.

Карневалот започна вчера со отворање на мултикултурниот центар „Коста Србакоски“, а вечерта продолжи со забавната програма во чии рамки настапија Жаре Бербер и DJ FACE.  Вечерва, по дочекот на Православната Нова година кој ќе се организира во центарот на Вевчани со настап на Елена Јовческа, Дамјан Стојаноски, Перо Бели и Сања Ристеска, вевчанци традиционално одат на Вевчански извори.

Како што информираше Градоначалникот во изминатите два дена се работело на поправки за целосно ставање во функција на осветлувањето во Споменикот на природата- „Вевчанските извори“. Кочовски апелираше да не се оштетува и да се чува.


Традицијата стара речиси 15 векови ќе заврши утре со традиционалното василичарско оро и палење на маските.

Фото галерија:

К.А./Г.М.
Фото: Емил Јовановиќ