Вечерва финале на фудбалската Лига на шампиони во Истанбул. За вредниот трофеј во елитното натпреварување ќе се борат Интер и Манчестер сити.
Истанбул пулсира во духот на спортот. Илјадници навивачи се во Турција додека се зголемува возбудата за судирот на Манчестер сити и Интер и веќе даваат поддршка за своите тимови.
Навивачите на Интер донесоа дел од нивната позната италијанска атмосфера пред вечерашниот финален натпревар. И Охриѓани меѓу навивачите на Интер.
Интер три пати го има освоено Купот/Лигата на шампионите (1964, 1965 и 2010 година). Пред 13 години миланезите дојдоа до тројна круна (Серија А и Куп на Италија и ЛШ) предводени од тренерот Жозе Мурињо и со најдобриот македонски фудбалер на сите времиња Горан Пандев.
Тренерот на Интер, Симоне Инзаги ги сподели своите очекувања од финалето на Лигата на шампионите против Манчестер сити.
Знаеме колку е силен Халанд. Подготвивме нешто за да го задржиме. Но, целиот тим треба да игра добро за да ги спречи Халанд и останатите нивни играчи. Манчестер Сити добро напаѓа и добро се брани. Ќе се обидеме да ја играме нашата игра, го цитира Инзаги „Скај Спорт Италија“.
Дваесет и двегодишниот Халанд оваа сезона има 52 настапи за „граѓаните“ во сите натпреварувања, постигнувајќи 52 гола и девет асистенции.
Сега Манчестер сити може до тројна круна – откако ја освои Премиер лигата (трета по ред, и ФА Купот. „Граѓаните“ имаат шанса да ја освои Лигата на шампионите за прв пат во историјата.
Тренерот на Манчестер сити Пеп Гвардиола ги сподели своите очекувања за финалето од Лигата на шампионите против Интер.
Не можам да ги контролирам мислењата на луѓето. Треба само да се фокусираме на она што треба да го направиме. Сè завршува со игра. И ќе победи тимот што ќе има подобри 95 минути. Интер е супериорен од нас по историја. Но, тоа не е важно. Важно е да одиграме подобро од противникот. Тоа е она што може да биде одлучувачки фактор, изјави Гвардиола.
Натпреварот ќе се игра на Олимпискиот стадион „Ататурк“ со почеток во 21 часот.
OhridNews