Повторно не изостана веселбата за Стара нова година – Василица и оваа 2025 година во маалото во населба Кошишта кај домот “Св. Кирил и Методиј”, каде и синоќа гореше василичарскиот оган.

Веселата атмосфера беше надополнета со печење колбаси на жар, топол леб, туршија и црвено домашно вино.

Точно на полноќ, минатогодишниот кум Игор Стаматоски, на присутните им подели банички. Среќата што ќе го следи преку цела година му се насмевна на Стефан Довлев и неговото семејство, кои ја пронајдоа паричката во нивната баничка со што воедно се и нови кумови.

Секоја година се доделува по една баничка на фамилија и на таа фамилија што ќе ја пронајде паричката се смета дека во Новата година ќе ги прати бериќет и среќа.

Веселбата за Стара нова година – Василица и оваа 2025 година не изостана во Варош каде со музика и песна се славеше долго во ноќта.

Весело за Василица синоќа беше во сите охридски маала и населби, а многумина Старата нова година ја пречекаа во домашен амбиент во друштво со греана ракија, вино, а секако, не изостана и традиционалното барање на паричката во топејнца, пита или лепче.

За многу години!

Г.М.