Две лица загинаа во силниот земјотрес со магнитуда од 7,9 по Рихтер, кој во ноќта неделата кон понеделникот по локално време го погоди Нов Зеланд, изјави премиерот Џон Ки, пренесува „Макфакс“.
„Немаме никакви знаци во овој момент дека бројот на жртви ќе расте, но тоа не можеме да го исклучиме“, изјави новозеландскиот премиер Џон Ки за новинарите во главниот град Велингтон.
Додаде дека воен хеликоптер е упатен во Каикурa, туристичко место кое се наоѓа во близина на епицентарот на потресот, кој е регистриран стотина километри во северна насока од Кристчерч.
Новозеландското министерство за цивилна заштита и вонредни ситуации (MCDEM) на Twitter објави предупредување на цунами, објавено по земјотресот, и тоа сé уште е на сила, и го предупреди населението да се држи подалеку од крајбрежјето.
Првиот бран на цунамито кое се јави по земјотресот и бил со височина од околу два метра ја заплисна областа во близина Каикура и Велингтон, а жителите се евакуираа на повисоките области.
Почвата на Нов Зеланд уште се тресе, пренесуваат медиумите. Портпаролот на градската управа на Велингтон, Ричард Меклин изјави дека жителите од крајбрежните области се повлекуваат кон повисоките делови. Според него примени се извештаи за доста големи штети, особено на повисоките катови од повеќатниците, како и на мостовите и автопатите.
Светските агенции јавија за уште еден разорен земјотрес на јужната хемисфера, во Аргеннтина, кој бил со магнитуда од 6,4 степени според Рихтер.