Охридската територијална противпожарна едница е една од најекспедитивните и скоро најдобро опремена и подготвена во секое време да реагира на било каква интервенција. Хероите на градот, нашите пожарникари, деноноќно се борат со секаков тип на интервенции. Пожарникарството е комплексна професија и не ги вклучува само пожарите, туку и технички интервенции, сообраќајни незгоди, земјотреси и поплави, рече командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид, Борко Јанкулоски, на денешното одбележување на 20-ти Мај, Денот на пожарникарите.

На настанот присутните пожарникари ги поздравија градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и началникот на СВР Охрид, Игор Смилески.

ТППЕ Охрид брои вкупно 39 пожарникари. Има недостиг од пожарникари. За брзо време очекуваме пензионирање по новиот Закон кој треба да се имплементира, така да апелирам и до надлежните што побрзо да поведат сметка, треба да се примаат млади пожарникари се со цел поискусните колеги да можат со тек на време да ги обучуваат. Возила имаме седум, кои моментално се сите во исправна состојба, меѓутоа доста со застарен тип. Просечната старост на возилата е над 40 години. До крајот на оваа година преку Југозападниот плански регион се издвоени средства, дел од средствата кои недостигаат ќе ги надополни Општина Охрид, за набавка на противпожарна цистерна од осум тона. Исто така, во процедура е и проект со Јапонската амбасада за мало возило за шумски интервенции кое би се користело и во тесните улички во стариот дел на градот. Се надеваме дека за скоро време ќе имаме позитивен одговор и за него, посочи Јанкулоски.

Изрази благодарност до локалната самоуправа за поддршката која ја дава на ТППЕ Охрид. Во поглед на интервенциите од почетокот на годината заклучно со денешниот ден, вели имаат вкупно 202 интервенции од кои 152 пожари на објекти, отворен простор и пожари на сообраќајни средства. Остатокот од 50 интервенции се технички, како сообраќајни незгоди, елементарни непогоди, поплави и други активности и услуги кои ги извршуваат.

Противпожарниот пловен објект е болна точка на Охрид како туристички град. Знаеме дека Охрид не е е ист и вон сезона и во сезона. Имаме голем проблем особено на потегот кон Св. Наум. Во одредени интервали во денот имаме отежнат скоро никаков пристап за недајбоже сообраќајни несреќи и пожари кои се случуваат. Пловниот објект можеби и е од најголема итност, првенствено и за безбедноста на граѓаните на Општина Охрид, а пред се и на туристите кои доаѓаат. Би требало да се изработи некој проект, надлежните институции малку повеќе да се ангажираат на тоа поле се со цел да успееме во нашите намери, додава Јанкулоски.

Упати благодарност и до доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ кое брои 23 члена, од кои дел се оперативци, а дел учествуваат дирекно со ТППЕ Охрид исклучиво на пожари на отворен простор и елементарни непогоди, поплави и слични интервенции кои ТППЕ ги извршува.

20-ти Мај како Ден на пожарникарите не е случајно избран. Има еден интересн историски факт. Во далечната 1836 година во градот Битола по наредбата на Румелискиот пашалак формирани се првите контури на Противпожарно дејствување на Балканот, потенцираше Јанкулоски.

Денешниот настан за одбележување на Денот на пожарникарите започна со дефиле низ охридските улици на три возила со пожарникари, со звучна и светлосна сигнализација. Возилата се движеа од противпожарниот дом, бул. „Македонски Просветители“, бул. „Туристичка“, „АСНОМ“, ул. „Карпош Војвода“, ул. „Сирма Војвода“, ул. „Марко Цепенков“, ул. „Ристо Чадо“, „Железничка“, ул. „Егејска“, ул. „7-ми Ноември“, бул. „Македонски Просветители“.

Присутните имаа можност во заедничката соработка на ТППЕ Охрид и екипи на ОО Црвен крст Охрид да проследат вежба – симулација на извлекување повредени лица од сообраќајна незгода.

ТППЕ Охрид го одбележа Денот на пожарникарите

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски