Врачено највисокото општинско признание – наградата Св. Климент Охридски на проф.д-р Павле Митрески на свечената академија која во чест на Свети Климент – патронот на градот се одржа вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Пред присутните, меѓу нив пратениците во Собранието на Република Македонија, преставници на Македонската православна црква Охридска архиепископија, почесниот конзул на Република Србија во Република Македонија, членови на Советот на Општина Охрид, поранешни градоначалници на Општина Охрид, градоначалници од другите општини, професори, родители, ученици, се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков потенцирајќи дека Свети Климент Охридски e нашиот заштитник, светител и првоучител чија дејност и мисла лежи во темелите на постоењето и на културната доблест на македонскиот народ.

И по повеќе од 11 века, делото, мислата и поуките на нашиот светител, имаат ист сјај со кој ни го осветлува патот кон иднината, а тоа е беспрекорно морално однесување, крајна човечка доследност, издржливост и исполнителност и беспоговорна чистота на замислата и творбата. Деновиве звукот на камбаната од Плаошник празнично бие, за да не потсети на едно дамнешно време, кога нашиот Свети Климент ги просветувал и просветлувал луѓето и бил нашата најчиста поврзаност со Бога. Ние охриѓани, веруваме дека и денес Свети Климент се уште со фенер во рацете шета низ Охрид и го чува нашиот град и сите нас. Токму затоа како народ треба да бидеме вечни чувари на Свети Климентовото дело и како што не учи нашиот светител „Да го прославуваме Господа наш со добри дела и да се надминуваме еден со друг со добрина“, рече Пецаков.

На настанот градоначалникот Пецаков му ја врачи највисоката општинска награда за животно дело, наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски” на проф. д-р Павле Митрески – човекот кој полека ја „гази“ десеттата деценија од животот и сеуште е буден чувар на богатата општествено политичка и културна историја на Охрид и Република Македонија.

Секоја година многу се радувам што толку луѓе го почитуваат овој празник. Посебно оваа година се радувам што го добив највисокото општинско признание. Сум напишал околу 15 книги… Во некои од нив се изнесени и факти за предавството на Христо Узунов, но и докази дека Михајло Пупин потекнува од нашите краишта. Во мојата работа покрај другото имам и податок кој се однесува на Спасица Вишенска монахиња со нејзиниот брат од Вишни, да ги прогласиме за светци. Благодарение на охридското и македонското свештенство успеавме годинава да бидат прогласени. Тоа е голема работа не само за цел крај туку и за Македонија. Во сите мои документи многу имам пишувано за Охрид и струшко. Многу сум задоволен што мојот живот ќе го завршам во едно плодно време, рече Митрески.

Од страна на претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски им беа врачени признанијата на годинешните добитници на Повелбата-Патрон на градот Св. Климент Охридски за 2024, на Клубот за подводни дејности Охрид и Здружението на граѓани, Независна аматерска театарска група Аматер, односно Културолошка иницијатива 5 до 12.

  • 40 години во Охрид постои едно многу специфично Здружение кое сите овие години како Свети Климент што го чувал градот, така и ние како Клубот за подводни дејности 40 години го чуваме и градот, но и езерото. Многу пријатно не изненади и градоначалникот и Општината што се сетија на нас за овие 40 години макотрпна работа. Ќе продолжиме со истото темпо и се надевам дека ќе се видиме и нареден пат за уште поголеми награди и достигнувања, рече Горан Балев од Клубот за подводни дејности Охрид.

  • Чест и привилегија ни е да го добиеме ова најголемо општинско признание, особено што повеќето од нас сме учеле или во основното или во средното училиште „Св. Климент Охридски“. Оваа повелба е од особено значење за нас, ни претставува голема мотивација, инспирација, но и одговорност да  го правиме тоа што сме го правеле досега, бидејќи оваа наша приказна започна пред 11 години. Се надева дека ќе продолжиме со истото темпо на активности како и до сега, вели Јован Цветкоски од Здружението на граѓани, НАТГ Аматер.

Свое обраќање пред присутните имаше и директорката на Општинското средно училиште „Св Климент Охридски”, Светлана Велкоска, која истакна дека немерливо е делото на Св. Климент, зошто го засади плодот на вечноста на нашиот народ, ја издигна верата до небесата, го осветли патот на нашето постоење.

Денес во духот на Св. Климента се сеќаваме на жртвите кои се бореле за денешната слобода и кои пред 80 години успеале да стават камен темелник на нашата државност, нашиот јазик и да го зацврстат идентитет кои денес го имаме и должни сме несебично да ги чуваме и браниме и ден денес. А ние потомците на неговиот свет дух, ние учителите и учениците сме посебно горди што сме негови следбеници воедно и продолжувачи на неговото дело. Токму заради тоа никогаш нема да згасне кандилото пред Св. Климента, никогаш нема да запре молитвата на Св. Климент, рече Велкоска.

Свечената академија беше збогатена со културно-уметничка програма каде учество земаа охридските гимназијалци и реномирани македонски уметници, еминентниот актер Петре Темелковски и познатиот македонски музички изведувач Влатко Лозаноски.

Пред одржувањето на свечената академија беше отворена традиционалната изложба на Фото клуб – Охрид во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Григор Прличев”.

Во галеријата, пак, при Центарот за култура беше отворена и изложбата на уметнички дела од Вангел Наумоски содржани во збирката „Вангел Наумовски“ во сопственост на ЈЗУ Специјализирана болница за отропедија и трауматологија „Свети Еразмо Охридски“ – Охрид.

Настаните од програмата за одбележување на „Св. Климент“ продолжуваат утре, 8 декември, кога е предвидено во 10 часот поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон”- Плаошник, во 11 часот полагање свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“, во 12 часот полагање свежо цвеќе на монументалниот споменик на Свети Климент Охридски на градскиот плоштад и врачување награди на најдобрите поетски творби на Општинскиот награден ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид.

Во 13 часот концерт ќе одржи Фолклорните ансамбли во чест на Свети Климент (СОФАМ) во НУЦК „Григор Прличев“, додека во 18 часот во малата сала во Општина Охрид ќе биде отворена изложбата –среброрез: 33 ХРИСТОС- Живот за спас на човештвото од Боро Митрески Минта.

Фото галерија:

Свечена академија во чест на Свети Климент, врачени највисоките општински признанија

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски