Кај да си за Василица во Вевчани да си. Ова село со немирен дух 14 века ја одржува карневалската традиција. И оваа година театарот под отворено небо привлече голем број гости во Вевчани.

 

Вевчанци од Горна и Долна маала уште од рано утро ги започнаа завршните подготовки за дефилето под маски, на кои долго работат.

-Зависи. Месец дена најмалку се прават маските, подготовката после лесно е. Традиција е тоа од татко на син така оди.-истакна василичар.

Низ вевчанските сокаци покрај традиционалните Зет и Невеста, Глупавиот август и свирачите, денеска прошетаа митски и филмски јунаци, храбри воини, разни чудовишта, и пирати со изгубеното богатство на Македонија.

И годинава неодминлив дел од карневалот беа политичарите на кои беа посветени повеќе креативни групни маски. Низ Вевчани мина свитата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, сегашни и поранешни лидери на партии, министри, самовработени граѓани, пензионери на рекреација, а посебно внимание привлекоа групните маски за наградната игра со фискални сметки и чудовиштето Тендер – анекс.

 Голем број групни сцени беа пародија на актуелни случувања во земјата и тв шоуа изведени на оригинален вевчански начин.

Учесниците во карневалот вечерва ќе ги посетат сите домови на вевчанци. Предвидена е богата културно забавна програма, а годинава по подолга пауза ќе биде доделена награда за најубава групна маска. Карневалот завршува утре на пладе со оро сред село кога ќе бидат извадени василичарските маски.

Г. Момироски
фото: Емилио

ФОТО: Започнаа карневалските лудории во Вевчани