Стариот дрвен крст кој долги години се „фрла“ во осветените води на Охридското Езеро Богојавление – Водици, а кој беше оштетен при фаќањето од капачите минатата година, е поправен и подготвен за празникот.
Благодарение на вештите раце на охридскиот копаничар Кочо Аиноски, оштетените делови од дрвениот крст повторно се составени и оваа реликвија чија старост се проценува на неколку децении, а според некои околу еден век, на празникот Водици во недела, ќе биде положена во езерските води што ќе ги освети поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.
Крстот имаше пукнатини на сите страни, ги пополнив оштетените делови со специјална смеса, ја поправив и наместив рачката и сега не се забележуваат никакви оштетувања. Мило ми е што можев да помогнам да се сочува оваа вредна реликвија која е поврзана со долгата традиција на одбележување на Водици во Охрид, изјави за Охридњуз Кочо Аиноски.
Поправениот богојавленски крст. Фото: Кочо Аиноски.
Копаничарот Кочо Аиноски надалеку е познат по својата работа, а негови дела красат многу цркви, но и домови. Тој е ученик на старите копаничари од надалеку познатата Охридска резбарска школа.
Како изгледа чесниот крст под вода?
Богојавленскиот дрвен крст по кој се плива во Охридското Езеро долг е 25 сантиметри, широк 12,5, со длабина од 2,5 сантиметри и тежи 173 грама.
Познатиот охридски фотограф Емил Јовановиќ со децении ги следи богојавленските празници во Охрид. Тој пред празникот повторно го фотографираше дрвениот крст кој за Водици ќе биде положен во езерските води.
Целта, освен овековечување на овие значајни моменти за градот, е да им се прикаже на младите кои ќе скокаат по крстот како всушност изгледа оваа светост под вода. За да стигнат до него треба добро да се подготват, но и да нурнат во студените води. Најхрабриот и најсреќниот стигнува до чесниот крст. – ќе рече Јовановиќ.
Дрвениот крст сега е добро поправен, а на капачите кои ќе запливаат по него во студеното Охридско Езеро е да внимаваат и да ги чуваат и крстот и традицијата.
Г.М.
Видео и фото: Емил Јовановиќ