Италијанската поп-ѕвезда Ерос Рамацоти во рамки на својата светска турнеја, која почна во февруари годинава, синоќа одржа спектакуларен концерт во арената “Борис Трајковски” во Скопје.

Полн со енергија, одлично расположен и непосреден со публиката, Рамацоти на присутните во исполнетата арена и приреди  двочасовно шоу за паметење, исполнето со одличен звук, светлечки ефекти и одлична сценска кореографија.

“Добро вечер Скопје. Како сте?”- се обрати на македонски Ерос Рамацоти на големо одушевување на присутните.

Рамацоти на концертот во Скопје го промовираше најновиот студиски албум со наслов „Vita ce n’e“, одлично балансирајќи ги ритамот и атмосферата  со најпознатите хитови кои ја одбележуваа неговата децениска кариера: “Un’ altra te“, „Cose della vita“, „Favola“, „Terra promessa“, „Quanto amore sei“, „Un attimo di pace“, „Аdesso tu“, „Un’ emozione per sempre“, „Fuoco nel Fuoco“, „Se bastasse una cancone“, „Musica e“…

Како и на сите концерти од турнејата, и на  скопскиот  беа упатени силни еколошки пораки за проблемот со загадувањето на океаните и воздухот.

Рамацоти e една од најголемите италијански музички ѕвезди со светска кариера во која има остварено соработка со планетарно познати имиња како Тина Тарнер, Шер, Петси Кензит, Лучијано Павароти, Анастејжа и други.

Од 1984 година, до сега, Рамацоти има објавено  17 студиски албуми, вклучувајќи три компилациски албуми, три албуми во живо и 37 синглови, и продадено над 60 милиони плочи.

OhridNews

Фото галерија: