АД ЕСМ – Подружница ХЕС Црн Дрим Струга продолжи со проектот за чистење на коритото на реката Црн Дрим. По пауза од две години предизвикана од здравствената и енергетската криза, продолжи со третата етапа од планираното прочистување и тоа од излезот од градот Струга до објектот Далјан во должина околу 600 метри.
Овој простор речиси беше целосно затрупан со наноси од песок, дрвна маса, метален и комунален отпад кој го намалуваше протокот на водата дури до 60 отсто. АД ЕСМ и ХЕС Црн Дрим ја спроведуваат акцијата со сопствени финансиски средства. Од зафатот придобивка имаат пред се жителите на Струга и по течението на реката, кои континуирано се под опасност од излевање, и второстепено, производните капацитети за електрична енергија, велат од ЕСМ.
Нагласуваат дека АД ЕСМ – Подружница ХЕС Црн ДРИМ започна широка акција на анимирање на јавноста преку изработка на елаборати и трудови (објавени на ЗЕМАК, МАКО СИГРЕ и други стручни конференции) во кои ја истакна проценката на можните штетни влијанија на водата во Црн Дрим во период на големи води.
Од страна на многу институции како што се МЖСПП, Општина Струга, УНДП, ЦУК и ДЗС беше забележана и поддржана иницијативата на раководниот тим на ХЕС Црн Дрим што резултираше со почеток на реализација на проектот во повеќе фази кој започна во 2020 годна со чистење на устието и коритото во урбаниот дел на градот, посочуваат од ЕСМ.
Реката Црн Дрим, како што велат, го растоварува водниот биланс на Охридското Езеро и спречува да дојде до поплавување на градовите Охрид и Струга со околината. Во период на големи врнежи од дожд ја собира атмосферската вода и спречува нејзино мешање со канализациските отпадни води и нивно излевање, а го оневозможува и поплавувањето на струшко поле и околните населби.
За да се овозможи тоа, потребно е постојано инвестирање во одржување на коритото од страна на повеќе институции од државата. Раководниот тим на ХЕС Црн Дрим , поддржан од УО на АД ЕСМ продолжува со постапка за јавна набавка за изработка на основен проект за чистење на останатиот дел од коритото од објектот Далјан до акумулација Глобочица кај селото Ташмаруништа со должина од околу девет километри. УО на АД ЕСМ ја одобри и обезбеди финансиската конструкција за реализација на овој проект, а чистењето се очекува да се реализира во 2023 година, порачуваат од ЕСМ.
OhridNews