Пред седумдесеттина години, Охрид иако мал град во тогашната заедничка држава, бил исклучително значаен, и ги следел модерните трендови. Така било и со мотоциклизмот, чија урбана историја е богата, иако малку се знае тоа во пошироката јавност. Благодарение на група вљубеници во мотори, ентузијасти, хроничари на градот, Државниот историски архив во Охрид и Мото центарот „Амбасадор“, оваа интересна приказна од минатото на нашиот град сега е достапна за пошироката јавност.
Урбаните легенди за урбаната историја на Охрид
На изложбата што официјално беше отворена синоќа, во Mото центарот „Амбасадор“, можат да се видат ретки фотографии на кои се прикажани трки со мотори низ Охрид, но и детали кои покажуваат дека охриѓани имале голем афинитет кон мотоциклизмот.
Дел од овие фотографии се дело на Коста Андоноски („Фото Лукс“), кои заедно со другиот вреден материјал од депото на охридскиот Архив повторно го видоа светлото на денот и ја поттикнаа љубопитноста на охриѓани.
Оваа изложба прикажува еден вид урбана историја на градот Охрид и вљубеност на луѓето кои живееле и живеат во нашиот град кон она што претставува мотоциклизам. Андоноски преку своите фотографии претставени на оваа изложба прикажува урбана реалност на охридските вљубеници во мотори преку трки со мотори низ охридските улици, преку фотомоделство врз интересни видови на мотори, различни и за тоа време навистина престижни модели на мотоцикли и слично. – истакна Никола Митровиќ Бабе, директор на охридскиот историски Архив.
Мото традицијата во Охрид не е од поново време, туку многу пред тоа. Ние ја наследивме од нашите дедовци и татковци, кои се на овие фотографии, истакна Неим Керимоски, еден од највозразните активни моторџии во градот и основач на Мото клубот Охрид.
Во седумдесеттите години од минатиот век во Охрид се одржало и познатото ФИМ Рели, во организација на Интернационалната мото асоцијација. Од меѓународната серија такви трки се одржале во поранешна Југославија, од која една во Охрид, што само по себе говори многу, истакна Људмил Цветакоски од Мото клубот Охрид.
Изложбата ќе биде отворена до 23 декември, а сите кои поседуваат ваков архивски материјал може да го достават до Мото центарот „Амбасадор“ каде ќе биде изложен.
Дел од личностите на фотографиите успеавме да ги идентификувавме, но оставивме можност граѓаните доколку препознаат некого да го впишат во архивската документација. – рече Стефан Николоски од Мото центарот „Амбасадор“ кој одбележува 25 години од постоењето.
ФОТО ГАЛЕРИЈА:
Ретки фотографии на вљубеници во мотори ја оживеаја урбаната историја на Охрид
Г. Момироски/Ј. Цветкоски/К. Симиџиоски/Б.Димоски