Вчера вечер во кафе „Ликвид“ беше промовиран спотот за песната „Еден ден“ на групата „Камелеон“.
-Песната не е нова, ја промовиравме на фестивалот „Охридски Трубадури 2017“, но сега успеавме да го реализираме видео спотот, кој се работеше подолго време, во што ни помогнаа наши пријатели. Инаку песната е авторско дело на групата „Камелеон“, односно на Роберт Милески, а текстот е на неговата внука Марина. – изјави Драган Василески – Пајо, вокал на „Камелеон“.
Режијата на спотот е на Даниел Јовески, еден од најдобрите во овој дел на Балканот, во чие студио е снимена песната „Еден ден“. Тој е реализиран на повеќе локации во Охрид во разни временски периоди и изобилува со прекрасни контрасти. Во спотот глумат ученици од гимназијата „Св. Климент Охридски“.
–Сценографијата ни ја даде самиот Бог. Ги снимивме сите состојби на езерото опкружено со прекрасна природа, имавме и ветер и сонце и високи бранови, се’ имавме во еден ден. Тоа ми даде дополнитечна инспирација да го пронајдам вистинскиот контраст на таа состојба и излезе одлично. Приказната е за животот, односно за начинот на живот денес каде секојдневно некаде брзаме заборавајќи на луѓето околу нас, поради што и ги губиме. Еден момент може да промени многу работи во нашите животи, затоа што и да правиме во животот, колку и да брзаме некаде, треба во еден момент да застанеме и да погледнеме околу себе, да ги забележиме луѓето на кои им значиме и да не дозволиме тие да си заминат од нашите животи“. – истакна во изјава за OhridNews Даниел Јовески.
Групата „Камелеон“ оваа година одбележува 20 години на сцената. Зад неа се бројни хитови и награди и настапи на фестивали. Јубилејот „Камелеон“ ќе го одбележи со нов албум и голем концерт.
Фото галерија:
Промовиран новиот спот на Камелеон за песната „Еден ден“
Г.М.