Кино премиерата на документарниот филм „100 години фудбал во Охрид“ во продукција на OhridNews“, што се случи синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, предизвика силни емоции и сеќавања на историските моменти кои го одбележаа фудбалскиот век во Охрид. Присутните имаа можност да погледнат интересни видувања, како и ексклузивни, до сега необјавени историски документи поврзани со фудбалот во Охрид кој датира од 1921 година.
Филмот е посветен на сите фудбалери и спортски работници кои оставиле трага во фудбалот во Охрид.
Филмот е само едно наше видување и видување на сведоците на фудбалската историја во Охрид, кој верувам ќе пробуди интерес и ќе поттикне слични проекти кои ќе загребат малку под површината, да извадат уште некоја приказна од богатата ризница на нашиот прекрасен град. – рече на промоцијата Горан Момироски главен и одговорен уредник на OhridNews и автор на филмот.
Во документарецот, фудбалската приказна на Охрид ја раскажуваат историчари, хроничари, поранешни фудбалери кои се потсетуваат на блескавите моменти на ФК Охрид од формирањето во 1921 година.
Иако се чувствувам како да сум на гостински терен, сепак сум историчар, а станува збор за спортска манифестација, огромна беше честа да се учествува во креирањето на документарниот филм посветен на фудбалскиот клуб Охрид. Имено, можам да кажам дека веќе се комплетира тој мозаик од столетија на градот Охрид, со парчето ФК „Охрид“. Сега тој мозаик е веќе целосен да имаме столетна сторија за фудбалскиот клуб Охрид. Токму тоа и ќе го прикажеме на документарниот филм кое претставува едно ремек дело кое ќе остане за идните поколенија, истакна пред проекцијата на големото платно директорот на Подрачното одделение на Државен Архив- Охрид, Никола Митровиќ Бабе кој е и дел од самиот документарец.
Големата сала при Центарот за култура вечерва го доби амбиентот кој е симболика за секој еден натпревар на Охрид, со транспарент од навивачката група „Рибари“.
Филмот го проследија познати фудбалски и спортски имиња од градот, кои заедно со љубопитната публика се потсетија на најинтересните моменти од историјата на најстариот спорт во Охрид.
Промоцијата на документарниот филм „100 години фудбал во Охрид“ разбуди големи спомени и емоции
К.А.
Фото: А. Момироска
Видео: Крсте Симиџиоски/Јован Цветкоски