Со напревар меѓу екипите на „Бешикташ“ и „Голден Арт“ денес во 11 часот стартува второто издание на меморијалниот турнир во ракомет „Крсте Андоновски“ со меѓународен карактер. Турнирот ќе трае до 26 август во организација на ГРК Охрид, а под покровителство на Општина Охрид во спортската сала „Билјанини извори“.
На одржаната прес конференција спортскиот директор на ГРК Охрид, Славчо Ристески истакна дека оваа година турнирот ќе биде многу поуспешно организаран благодарение на зголемениот буџет за организација на Општина Охрид, како и градоначалникот кој, потенцираше, се прави овој турнир да биде се поуспешен за Охрид да биде центар на ракометот во овој период.
Учество земаат осум екипи, од кои македонскиот првак „Еурофарм Пелистер“, домаќинот и организатор „ГРК Охрид“, скопските „Бутел“ и „Голден Арт“, како и четири силни и добро познати странски екипи „Олимпијакос“ од Грција, „Металопластика“ од Србија, „Бешикташ“ од Турција и „Татран Прешов“ од Словачка. Се игра во две групи по четири екипи во четири термини, од 11, 13:15, 18 и 20:15 часот. Ќе има пехари за најдобрите прво, второ и третопласирани, МВП на секој натпревар, МВП на турнирот, најдобар стрелец на турнирот и најдобар голман, рече Ристески.
Противник на „гладијаторите“ денес е екипата на Олимпијакос, а мечот се игра од 18 часот. Дваесет минути порано е свеченото отворање на турнирот. Голманот на Охрид, Бобан Ристевски е оптимист дека и турнирот и настапот на домаќинот ќе бидат успешни.
Натпреварите ќе се пренесуваат во живо на youtube каналите на Ракометната Федерација на Македонија.
Карта за еден меч чини 100 денари, а блок карти за целиот турнир 500 денари. Истите можат да се купат на билетарата при спортската сала „Билјанини извори“.
Снимки од натпреварите ќе се емитуваат секој ден на МТВ 3, после 22 часот.
OhridNews