Во организација на Граѓанското движење „Протестирам“ денеска во Охрид по десетти пат се одржа мирен протест, на кој граѓаните го изразија своето незадоволство од одлуката за аболиција на претседателот Иванов, побараа истата да биде повлечена, а тој да си поднесе оставка.

 

Протестот започна на плоштадот кај „Чинарот“, по што преку чаршијата насобраните граѓани се упатија пред зградата на Основниот суд каде со пароли, скандирање и свирежи упатуваа повици за правда. Од спротивната страна на судот беше поставена бина на која настапи „Белизе бенд“ овој пат во охридско – струшки состав со актерката Ирена Ристиќ (Охрид) и Тоше Танески (Струга), кои изведоа неколку преработки на популарни песни со политичка конотација.

На присутните им се обрати Роберт Алаѓозоски од комисијата за култура при СДСМ кој порача дека отпорот нема да престане се додека актуелната владејачка гарнитура не си замине. Тој и порача на власта да не помислува на никакви сценарија оти народот е одлучен и овој пат ќе истрае до крај.

-Протестираме против оваа власт и сите нејзини недела како што се оние грдосии на Плаошник и спомениците од Скопје 2014 кои ги бојадисуваме со боја затоа што тоа не се споменици на македонскиот народ туку параван за правење пари на власта. – рече Алаѓозоски.

Освен во Охрид, Граѓанското движење „Протестирам“ организира протести и во повеќе други градови во земјата.


По десетти пат протести на „Протестирам“ и концерт на „Белизе бенд“ во Охрид

 

OhridNews