Охриѓани и гостите претстојната туристичка сезона ќе можат да уживаат во благодетите на природата на уникатен начин. По примерот на најпознатите светски дестинации на Медитеранот, во длабочините на Охридското Езеро поставена е метална корпа со вина од винаријата „Далвина“ кои ги обезбеди и донира застапникот и дистрибутер „АСП – ПАК“ Охрид.

ФОТО: АНАМАРИЈА МОМИРОСКА

Специјалната метална корпа со бродот „Александрија“ беше донесена во близина на крајбрежјето на Трпејца, каде нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид изведоа сложена операција на спуштање и поставување на безбедно место на езерското дно, на длабочина од дваесеттина метри.

Идејата беше на директорот за продажба на „Далвина“ Дени Стојчев, кој прерано почина. Планот е ова вино да се служи во ресторанот „Рибар“ во Трпејца од нуркачи. За оваа сезона поставивме 250 шишиња сортно вино „Далвина“. Дел од цената по која ќе се продава виното како туристичка атракција ќе биде издвоен за поддршка на градинките во Охрид. – изјави за OhridNews Јован Блажески од „АСП – ПАК“ – дистрибутер на вината „Далвина“.

Во турските архиви и записите на познатиот патеписец Евлија Челебија има пишувања за чудни вреќи од коноп, поредени на брегот. Со поставувањето на корпа со вино во езерските води, ќе оживеат дамнешните приказни кои секогаш се интересни за туристите. Од друга страна таквото вино послужено на лето има посебен шмек, вели проф. д-р Зоран Тунтев, експерт по туризам и активист на лајонс клубот Лихнидос, подржувач и иницијатор на бројни проекти за подобра туристичка презентација на Охрид.

Искуствата од Франција, Хрватска и Грција укажуваат дека длабоката вода е идеален фрижидер и дека го зголемува квалитетот на виното. Притоа, предноста наша е олиготрофичната езерска вода (отсуство на сол и минерали) и ниската константна температура на длабочина од 26 метри. Виното добива врвен квалитет кога се исполнуваат следните четири услови на чување: ладно, влажно, темно и тивко. А тоа нашето волшебно езеро го обезбедува веќе на 25 метри длабочина. – истакнува проф. Тунтев.

На Охрид му се потребни вакви атракции, кои ќе ги заинтригираат туристите и ќе ја збогатат понудата, велат членовите на Клубот за подводни дејности „Охрид“. За се да биде како што треба, тие во наредниот период ќе спроведат акции за чистење на дното на Охридското Езеро од отпад, со што ќе дадат свој придонес кон подигнување на еколошката свест, која е од исклучително значење за развој на туризмот.

Пијалакот на боговите послужен од длабочините на Езерото нова туристичка атракција на Охридското крајбрежје

Г. Момироски
Фото: А. Момироска