Со концерт на култниот американски џез состав „Форплеј“ придружуван од Македонската филхармонија што се одржува вечерва на Античкиот тетар, започна 57-то издание на најпрестижната музичко-сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“. 
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој воедно е покривител на манифестацијата. 
Нема подобар начин фестивалот Охридско лето да го започнеме со џез чие второ име е слобода. – рече претседателот Иванов. 
Свое обраќање имаше и министерот за култура Роберт Алаѓозовски кој истакна дека по повеќе од половина век изградба на Охридско лето, манифестацијата стои исправена пред предизвиците на новото време, новите културни наративи, новите технологии, уметничките изрази и новата публика. – Сигурни сме дека во периодот што доаѓа Охридско лето ќе понуди нова визија за новите времиња.  – додаде министерот Алаѓозовски. 
Од име на уметниците, порака од фестивалот испрати доајенот на македонското глумиште Мето Јовановски. -Нека овој сценски простор биде духовен светилник од кој зрачи убавото, нека бидат благословени сите кои ќе настапат во овој свет храм над кој што бдее Св. Климент Охридски. 
Симболично на 57-то издание на Охридско лето во 40-те фестивалски денови од 12 јули до 20 август ќе бидат одржани 57 културни настани. Фестивалот оваа година се одржува под мотото „Патот до магијата“.
Г.М.
ФОТО ГАЛЕРИЈА:

Отворен патот до магијата на 57-то Охридско лето
Фото: „Мега продукција“