Охриѓани од Стар град поставија 40 метарско знаме на бедемот од Самуилова Тврдина кај Долна порта во знак на поддршка за обвинетите за случувањата од 27 април во Собранието.
Поводот за денешното поставување на знамето е поддршката која ја даваме за уставобранителите кои треба да бидат на слобода, а моментално се во затвор, вели Тони Менкиноски.
Денес самоиницијативно загрижени граѓани, загрижени Македонци, излеговме овде го развеавме македонското знаме и упатуваме порака до сите и сегашни и идни функционери дека тие луѓе треба да бидат на слобода. Апсењето на овие луѓе говори за тоталитаризам и дека ние Македонците во сопствената држава сме заробени моментално, но ќе се ослободиме. Им даваме безрезервна поддршка на македонските уставобранители и сметаме дека тие моментално се во затвор без никаков повод и причина, истакна Менкиноски.
Чувствувам гнев во однос на државните органи и пресудата за овие луѓе кои не се криви, а беа наседнати и лежат по затвори, вели Здравко Чорбе.
За убиство се лежи по две до три години, а на нив им беше дадено по 14 години затвор. Ова беше цела една режија за 27-ми април. Таа група на луѓе беше наместена, беше наместена од структурите на државата, поточно по информации на ДБК. Реакцијата нивна беше по пеењето на албанската химна во парламентот и со полтроните што требаа тие да се по затвори, луѓето ги наседнаа, додава Чорбе.
Кога еден ден ќе дојде нормална власт во државава овие луѓе ќе бидат народни херои, рече Миле Пендиков.
Скапаа по затвори, ни криви, ни должни. Како ќе дојдеа на власт ако не се случеше тоа, ако не ги отвореше Љубен Арнаудов вративе, како ќе го донесеа Заев на власт. Му всеаа страв во коски на народот и го замолчеа едно време, но народот се крева, истакна Пендиков.
Од СДСМ, пак, велат шест години по крвавиот четврток во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, нема ниту ронка каење или извинување за теророт што оваа партија го создаде само за да не ја предаде власта.
Напротив, не само што нема извинување или осуда, туку партијата предводена од Христијан Мицкоски ги слави и наградува извршителите на грозоморниот чин и се залага за нивна амнестија. СДСМ, заедно со граѓаните тоа нема да го дозволи. Нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори. Времето на крвави и црни датуми во македонската демократија, одамна е завршено, додаваат од СДСМ.
Н.С.Ј.
Видео: Бобан Стојаноски
Фото: Емил Јовановиќ