Добрите вина, со кои изобилува Македонија, доколку бидат соодветно и стручно понудени на гостите во рестораните и баровите, може да бидат голем адут за привлекување туристи, а пред се за создавање дополнителна вредност на нашиот туризам, укажуваат винските експерти.

Развиените туристички дестинации одамна ја сфатија потребата од винска едукација на професионалците вклучени во угостителството, а винската култура се користи како адут во анимирањето на гостите. Соодветната комбинација, пак, на вино и храна, може квалитативно да го промени престојот на гостите во угостителските објекти, а задоволен гостин значи и задоволен угостител. Ова го истакна Петар Величковиќ, сертификуван вински едукатор, кој ја води винската едукација, што оваа и идната недела се спроведува во „Куба Либре“, на која учествуваат угостители и угостителски работници од Охрид и регионот.

Станува збор за најголемата винска едукација – „Македонски Вински Угостител“, досега направена во Македонија. Предвидено е низ неа да минат 180 кандидати од цела Македонија. Ги завршивме првите две групи од 48 угостителски работници во Скопје, а следуваат Охрид и Струга. На шестдневната обука во „Куба Либре“ учествува група од 24 кандидати. Проектот е подржан од Е4Е – проект на швајцарската амабасада за образование при вработување и винариите Стоби, Камник, Шато Сопот, Езимит, Венец, Картал, Имако и уште две семејни винарии. – изјави за OhridNews vinskiot edukator Петар Величковиќ.

Идејата на „Македонски Вински Угостител“ е да се подигне винската култура во угостителството во Македонија, вели Величковиќ. Додава дека земјава има одлични вина кои можат да бидат сериозен адут на туризмот.

Тиквеш несомнено е најразвиениот вински регион, но Македонија е толку разноврсна поради климата и микролокацијата, што нуди извонредни услови за производство на добро вино. Охрид од една страна има прекрасно езеро, а од друга страна одлични ладни планини. Оваа клима треба да се искористи да се направат поинтересни вина и повпечатлива приказна за Македонија и македонските вина. – рече Величковиќ.

Од квалитетните сорти вина тој ја издвојува Станушина, која, како што вели, е исклучителна сорта која не е доволно искористена.

Омилена сорта во Македонија ми е станушина, но за жал многу малку винарии произведуваат вино од оваа исклучително квалитетна автохтона сорта која, може, но и дефинитивно би направила разлика во вината кои се произведуваат тука. – истакна Величковиќ.

Според него, Охрид и Македонија воопшто, може да привлечат повеќе туристи преку виното, но потребни се многу волја, желба и напори на сите фактори вклучени во туризмот и угостителството да се направи впечатлива приказна како винска земја.

Македонија има многу потенцијал, но тој сам по себе нема да се реализира. Потребно е многу труд и работа. Потребна е соработка помеѓу сите чинители, да ја ставиме на страна суетата и да го исполниме потенцијалот што го има земјата. – вели Величковиќ.

Добро вино оди со добра храна, а соодветната комбинација е клучна за добра туристичка приказна, посочува Величковиќ.

Комбинацијата на вино и храна е едноставна, доколку знаете како треба да се комбинираат овие две работи. Додатоците и сосовите се клучен елемент кој реагира на некои карактеристики на виното како што се киселината и танинот. Постои желба кај угостителите да ги споиме виното и храната, нормално секогаш може повеќе и подобро и токму во таа насока е оваа обука. – додава Величковиќ.

Што се однесува на верувањето дека што постаро  е виното, тоа е подобро, Величковиќ истакнува дека тоа и не е баш така и упати порака до љубителите на вино.

Не се сите вина наменети да стареат (созреваат), најголем дел, 95% од вината што се прават во светот наменети се да се купат денеска и да се испијат денеска. Малку се вина кои се прават за да стареат. Затоа не чекајте виното да „остари“ пијте го веднаш. – порачува винскиот едукатор Предраг Величковиќ.

Горан Момироски
Видео: Г. Момироски/Ј. Цветкоски
Фото: Г. Момироски/Стојан Стојаноски