Денес точно напладне на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ 300 матурантите од сите охридските средни училишта го одиграат танцот Квадрил од Штраусовата опера „Лилјакот”.

Видно возбудени велат се подготвувале за оваа парада повеќе од два месеци и многу труд бил вложен во подготовка на истата.

  • Се чувствувам супер, задоволна од моето училиште. Доаѓам од гимназијата „Св. Климент Охридски“ и планирам да продолжам со образованието во Скопје на Факултетот за туризам. Се подготвуваме повеќе од два месеци, одлично течеа подготовките и професорката е супер, вели Јана Ѓурчева.
  • Денес се чувствувам преубаво. Доаѓам од гимназијата „Св. Климент Охридски“. Образованието ќе го продолжам во Германија на некој од факултетите, вели Бојан Калај.
  • Среќна сум што завршив средно училиште во охридската гимназија и сега здравје ќе продолжам на Економскиот факултет во  Скопје, вели Ема Наумоска.
  • Супер се чувствувам денес што сме во олкав број. Образованието планирам да го продолжам на Факултет за криминалистика, вели Бурак Рахман.

Пораката до матурантите ја испрати Константина Крежеска од охридската Гимназија, која изрази голема благодарност до професорката Катерина И. Стојаноска за организација и подготовката на парадата, но и до директорката на училиштето „Св. Климент Охридски“ за бескрајната посветеност изминатите години.

Да им посакаме на матурантите да продолжат да чекорат гордо како и досега и пред се да останат добри луѓе, рече Крежеска.

Пред почетокот на танцот присутните матуранти ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој истакна дека денешниов е ден на радоста, ден на убавината, на младоста, ден којшто означува крај на една и почеток на друга многу битна етапа од животниот циклус на нашите матуранти.

Познатиот танц на музиката на Штраус што неколку години по ред се одржува на овој плоштад е официјално збогување со нашите ученици кои после четири години учење заслужно ги добиваат дипломите за завршено средно образование. После тешките предизвици и тажни моменти со кои сте се соочиле во минатите четири години, овој животен круг го доцртувате со добри успеси и резултати носејќи со себе прекрасни спомени. Строгоста во училиштето беше подготовка за идните многу поголеми предизвици кои ве очекуваат. Се трудиме да ги зацврстиме вашите темели пред да зачекорите на следната сцена од животното патување. Денеска ми е чест да ја изразам својата гордост за вашите бројни достигнувања во четригодишното школување во различни области, секако и спортски успеси, рече Пецаков.

Во историјата на нашите училишта, истакна, има добри и лоши случки, но убавото е што секогаш победува разумот, другарството, а уште поубаво е што сето тоа се зачинува со вашите успеси на државните и регионални натпреѐвари на кои сме особено горди.

Денешнава е наша последна официјална средба, топло ви порачувам секогаш однесувајте се добро и не дозволувајте никој да го наруши вашиот интегритет кој така внимателно го негувавте изминативе години. Бидете љубезбни и великодушни кон луѓето околу вас. „Успешните луѓе секогаш бараат можност да им помогнат на другите. Неуспешните луѓе секогаш прво прашуваат: А јас што ќе добијам од тоа?“ Сонувајте големи сонови и бидете оптимисти со што и да се занимавате во животот, додаде Пецаков.

Матурската парада е покрената во 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа “Уршка” во Љубљана. Танцот Квадрил матурантите го играат во четири слики: панталон, ете, пасторел и финале.

Охридските матуранти го одиграа танцот Квадрил

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски