Осумдесеттина ученици од Охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ во придружба на професори присуствуваа на хуманитарниот фудбалски натпревар помеѓу Вардар и Црвена Звезда што се одигра синоќа на арената „Тодор Проески“ во Скопје по повод катастрофалниот пожар во Кочани во кој смртно настрадаа 62 лица, а околу 200 беа повредени, од кои дел тешко.
Заедно со актерите на мечот тие им оддадоа почит на загинатите во најголемата трагедија во историјата на независна Македонија, и им изразија поддршка на повредените кои се борат за живот во болницете во и надвор од земјата.
На Кочани беше посветена и големата кореографија на навивачката група Комити која на повеќе јазици им се заблагодари на земјите кои и помогнаа на Македонија во трагичните мигови.
Резултатот на натпреварот на кој присуствуваа околу 25000 гледачи, разбирливо остана во втор план. Славеше Црвена Звезда со 3:1, но она што е позначајно е гестот на солидарност што го покажаа двата клуба, нивните раководства, легендите кои ја иницираа средбата, како златната копачка на Европа Дарко Панчев, навивачите и хуманите луѓе од сите краишта на земјата, меѓу кои беа охридските гимназијалци и многу други охриѓани.
Најинтересните моменти од хуманитрарниот меч Вардар – Црвена Звезда 1:3
Г.М.