На гала вечер во „Куба либре“,  вечерва, првиот информативен интернет портал кај нас „OhridNews.com“, по петти пат ги прогласи најуспешните приказни во Охрид и ја промовира Годишната ревија на настани. На настанот беше промовирана и англиската верзија на порталот, со која OhridNews се доближува до туристите кои го посетуваат Охрид. Проектор го помогна „Свисконтакт“ – швајцарската агенција за развој и соработка.


Фото: Емил Јовановиќ

На почетокот на настанот со голем аплуз присутните, меѓу кои имаше познати личности од јавниот живот, бизнисмени, спортски и културни работници, како и претставници на локалната самоуправа, му оддадоа почит на прерано починатиот градоначалник проф. Д-р Јован Стојаноски, како што беше кажано, човекот со широка насмевка и неизмерна љубов кон својот град.

Прераната смрт го спречи да ги реализира зацртаните проекти и неговата визија за Охрид, кој го замислуваше како град на можности за сите, модерен туристички центар со современа инфраструктура и перспектива за младите. Остануваат само спомените, а се додека се тие живи, ќе живеат и луѓето кои само физички повеќе не се помеѓу нас, рече пред присутните гости уредникот на OhridNews, Горан Момироски.

Признанието за успешна музичка приказна OhridNews и го додели на групата „Камелеон“ која годинава одбележува 20 години успешно постоење на музичката сцена, а за два дена јубилејот ќе го одбележи со концерт во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Признание за 20 години успешно опстојување на музичката сцена OhridNews и додели и на групата  „Чардак“ која веќе две децении ја негува македонската изворна музика.


Ракометниот клуб Охрид и навивачката група Рибари го добија признанието за спортска приказна за 2018. Во знак на сеќавање РК Охрид на семејството Стојаноски, кое присуствуваше на настанот во придружба на в.д. градоначалникот Константин Георгиевски, му подари дрес на кој е испишано името на големиот поддржувач на ракометот и спортот во градот.

Признание „25 години придонес за безбедноста во сообраќајот“ OhridNews и додели на Автошколата „Старс Инженеринг“.

Најстариот активен приватен ресторан во стариот дел на градот „Св. Софија“ од охридското семејство Пендовски, го доби признанието за јубилејот 30 години постоење и чувар на традицијата.

Првата печатница на овие простори „Коста Абраш“ го доби признанието „70 години препознатлив бренд на Охрид“.

Признанието за врврни достигнувања во професијата, OhridNews му го додели на д-р Игор Балевски, кој работи на Универзитетскиот Клинички Центар Марибор, каде во октомври, за прв пат во историјата на оваа реномирана словенечка  болница, успешно изврши сложен хируршки зафат- транцатетерска имплантација на валвула на аорта низ артерија на нога.

Признанието за Подвиг на годината отиде во рацете на малиот охридски херој Марко Пејчиноски, најмладиот пливач кој го препливал Охридското езеро.

Годишната ревија на настани на OhridNews бесплатно ќе биде дистрибуирана до читателите.

ФОТО ГАЛЕРИЈА:

Промоцијата на Годишната ревија на настани и церемонијата на доделување на признанијата за најдобрите приказни во 2018, можеше да се следи во живо на фан страната на OhridNews на Фејсбук и на порталот. Преносот го реализираше „Мега продукција“.

Годишна ревија на настани 2018

Годишна ревија на настани 2018

Geplaatst door ohridnews.com op Donderdag 27 december 2018

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ
видео: Мега продукција