Полн автобус од една страна, а брод од другата со неколку стотини странски гости пристигнуваат до најубавата точка од источното крајбрежје на Охридското Езеро, во сонце облеаните песочни плажи на Кампинг Љубаништа над кои се издигнуваат снежните врвови на планината Галичица.
Не, ова не е сценарио за реклама туку секојдневна слика во кампингот Љубаништа каде од неодамна со работа почна нов специјализиран ресторан со брза лента за послужување.
Кампингот Љубаништа е една од неколкуте дестинации на охридската ривиер каде ќе престојуваат странски гости во текот на целата година кои се дел од туристичките тури на Балканот.
Специјализираниот ресторан во Кампинг Љубаништа со брза лента за послужување, е прв од таков вид во регионот. Модерно уреден, овој угостителски објект од отворен тип нуди врвна услуга која, освен организираните групи, ќе може да ја користат сите гости во кампот кој продолжува да ја збогатува својата понуда со нови содржини кои привлекуваат се повеќе туристи од година во година.
Добредојде со чашка ракија, традиционално гостопримство, одбрана музика, голем избор на внимателно подготвена свежа храна и професионална услуга, будат емоции и кај најпребирливите гости. Секој избира по сопствена желба, ладни и топли предјадења, салати, традиционални и интернационални специјалитети, кој што сака и колку сака.
Љубителите на добро вино имаат широк избор на квалитетни македонски вина кои можат да ги вкусат во новиот ресторан во Кампинг Љубаништа или да понесат со себе за сеќавање на прекрасното доживување во Охрид. Дел од понудата е и специјалната продавница за сувенири стокмена по светски терк.
Новиот специјализиран ресторан од отворен тип во Кампинг Љубаништа има 250 седишта. Просторот е идеален и за тим билдинг, корпоративни настани и веселби, а може да се дели и да се користи по потреба.
Додека едни вкусуваат квалитетна македонска храна, други уживаат во прошетка со брод и убавините на песочните пејзажи, планината Галичица и Охридското Езеро. Менаџментот на кампингот работи и на воспоставување директна бродска линија од Охрид до Љубаништа, што дополнително ќе ја збогати понудата на кампингот.
На посетителите во кампингот Љубаништа на располагање им се и адреналинскиот парк кој работи секогаш кога временските услови го дозволуваат тоа, како и спортски терени за фудбал со вештачка трева, кошарка, кино на отворено… Во иднина се планира збогатување на содржините на кампингот и со детско игралиште, работен дел за номади, како и активности и реквизити за водни спортови.
Од Велигден со работа почнува и плажа барот со алакарт мени, додека официјалниот старт на новата сезона во кампот ќе биде означен на 1 Мај.
Кампингот Љубаништа кој некогаш работеше само 2-3 месеци во сезона, денес е отворен 365 дена во годината за посетителите кои престојуваат во кампови, бунгалови или трејлери. Специјализираниот ресторан отворен неодамна, постојните и најавените нови содржини значително ќе ги збогатат услугите на кампингот кој сериозно ја подобрува туристичката понуда на Охрид.
Г.М.
Фото и видео: А. Момироска