Миленикот на македонската публиката, светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ, синоќа, на Антички театар приреди уште едно големо и незаборавно уживање за присутните , кои и покрај дождот и невремето пред самиот концерт, го исполнаа просторот до последното место.

Миленковиќ заедно со својот колега, словенечкиот хармоникаш Марко Хатлак, пијанистот Марко Чрнчец,контрабасистот Лука Херман Гајзер и вокалистката Ана Безјак, во рамки на проектот „Танго компас“ изведоа композиции од Астор Пјацола, Ришар Галиано, Франциско Канаро, како и композиции напишани од страна на Хатлак. Дел од нив беа изведени премиерно.

Публиката во Македонија е навикната Миленковиќ да го гледа на класични концерти. Но, синоќешниот концерт на танго музика беше вистинско музичко освежување. Според Миленковиќ тангото е исто така музика која може да се смета за класика.

-Што се однесува до мене тангото е дел од мојата личност и на некој начин само еден од начините на изразување. Во музиката не би требало да постои догма во интерпретацијата на класични дела, ниту кон исчекор во други музички стилови и искуства со други стилови и настап со други музичари. -изјави по концертот во Охрид маестро Стефан Миленковиќ.

Тој упати честитки до фестивалот за јубилејот – 55 години постоење, посочувајќи дека со задоволство секогаш настапува во Македонија и во Охрид, кои му се во срцето.

-Ова ми е можеби најомилениот дел од планетата за кој ме врзуваат и луѓето и храната, и чувствата од детството, тука доаѓавме фамилијарно на одмор, така што навистина овде сум среќен и ги полнам батериите. Од професионален аспект, прекрасно е да се настапува на „Охридско лето“ и тоа на 55 јубилеј, за што им се заблагодарувам на сите.– додаде Миленковиќ. 

Како изненадување за публиката, на крајот од концертот, Миленковиќ кој е голем обожавател на тангото, заигра на познатите звуци на аргетинското танго што беше проследено со бурен аплуз од страна на публиката. 

OhridNews

ФОТО ГАЛЕРИЈА


Незаборавно доживување со Стефан Миленковиќ и Танго компас на Антички