Самоиницијативно, со сопствени ресурси и помош на неколкумина еколошки свесни и одговорни граѓани и компании, денеска беше расчистена дивата депонија во населбата Далјан, за која изминатиот викенд информираше OhridNews.
Една стара народна поговорка вели „Има коњи за трка и коњи за парада“. Можеби некој ќе смета дека употребата на истата во контекстов е непримерна, но сепак. Изминатиот викенд објавивме сведоштво на сограѓани дека во населбата Далјан, помеѓу Феријално и Извиднички, на самиот брег на езерото, никнува нова депонија, каде неодговорни градежници истураат градежен шут и најразличен друг смет. Вообичаено за тоа се подигна многу прашина на социјалните мрежи, уследија силни коментари на навидум загрижени и еколошки свесни граѓани, а меѓу сите нив осамна и една конкретна и лична иницијатива, на Горан Устијаноски, инаку раководител на Охридската капетанија, да се организира акција и да се расчисти депонијата.
Имам предлог! Додека се дреме на фб со разни виртуелни предизвици, Ве предизвикувам на следниов начин: понеделник да се собериме 5-6 души, по една лопата, камион имаме на располагање во секое време( ЕКО ФАП веќе ставен во функција на Галичица и езерото) и да го исчистиме овој безобразлук додека појак југ не го повлекол во езеро! Предизвикот важи за сите кои со дела го сакаат Охрид, а не само на ФБ! Искрен да сум, уште сега се плашам од одзивот, ама уште поискрено сакам да се уверам во спротивното! Повелете, еколози, спортисти, граѓани, политичари, заљубеници во Охрид! Јас сум тука со камионот, на потег сте вие! Има само еден час работа! Предложете зборно место и време! – напиша на својот Фејсбук профил Устијаноски.
За среќа од сите најави и коментари, во кои провејуваа многу силни зборови, денеска во Далјан сепак се одважија да дојдат неколкумина граѓани кои се одзваа на личната иницијатива на Устијаноски. Иницијаторот заедно со Марјан Николоски, Аце Сарафиноски и поддршка на кафе „Конект“ и механизација, ја расчистија депонијата.
Очигледно е дека се уште имаме голема потреба од подигнување на еколошката свест, дотолку повеќе што, за жал, многу помногубројни се прекршителите и загадувачите на природата, од вистинските љубители на природата кои се подготвени да одвојат дел од своето време и ресурси, да ги засукаат ракавите и да помогнат да се расчисти барем една од многуте диви депонии во Охрид и околината. И секако, најмногу од се отсуствува реакција на надлежните служби, инспекции и институции пред чии очи со децении се уништува животната средина.
Г.М.