Во организација на нуркачкиот центар Амфора и клубот за подводни активности Охрид, а со поддршка на локалната самоуправа, денеска на градскиот кеј на потегот од старото пристаниште до каналот Студенчишта, беше спроведена акција за чистење на дното на езерото од цврст отпад.
Нуркачите од езерото извадија автомобилски гуми, пластични шишиња, најлонски кеси, покуќнина, азбестни цевки и друг цврст отпад.
Тие велат дека најмногу отпад има во крајбрежјето, додека во подлабоките делови ситуацијата е подобра. Најкритично е кај Трпејца каде во езерските води има поголеми количини градежен шут кој датира од времето кога се уриваа дивоградбите во туристичката населба, што негативно влијае на подводниот жив свет.
Вакви акции охридските нуркачи организираат редовно веќе 20 години. Велат дека се чувствува напредок и дека од година во година се намалува отпадот во езерото, но според нив недостига поголема ангажираност на институциите за заштита на животната средина и казнување на несовесните граѓани кои го загадуваат Охридското Езеро.
Г.М.
Фотогалерија:
Охридските нуркачи го чистеа езерското дно кај градскиот кеј