На пригодна свеченост што се одржа во Кадмо бар, Охридњуз ја промовираше 11-та Годишна ревија на настани и ги награди успешните приказни кои ја одбележаа 2024 во Охрид.
Традиционално јануари е месец на празници, убави моменти и време за сумирање на впечатоците од годината која штотуку измина. Пред вас е 11 издание на годишната ревија на настани каде се поместени случувањата кои ја одбележаа 2024 година, а ги издвојуваме и успешните охридски приказни кои се позитивен пример за заедницата, рече во обраќањето Горан Момироски, основач и главен уредник на порталот Охридњуз кој со овој настан го заокружува одбележувањето на осумнаесетгодишнината од постоењето.
Во 2024 година Фамилијата Талеви одбележа 100 години од почнувањето со рачна изработка на оригинален охридски бисер, што овој бренд го сврстува меѓу најстарите не само во Охрид, туку и во Македонија воопшто. Охридњуз на вредните изработувачи на охридски бисер, фамилија Талеви, им додели признание – „Чувари на традицијата“.
Наградата е на локално ниво, но ќе има одглас многу пошироко, дотолку повеќе што доаѓа од вистински професионалци во својот занает, истакна Ване Талев.
Шест децении најстарата секундарна здравствена установа во регионот – Медицинскиот центар во Охрид, се грижи за здравјето на пациентите од градот и пошироката околина. Оваа установа сега пружа интегрирана здравствена услуга на преку 50 000 охриѓани, израснувајќи во здравствен гигант со 467 вработени од кои преку 63 доктори специјалисти, 37 доктори на специјализација, 5 фармацевти, околу 250 здравствени соработници од сите профили и уште 130 вработени во техничката служба и управа. Охридњуз, кој изработи и краток филм за историскиот развој на оваа здравствена установа, на Општата болница Охрид и додели признание за 60 години хумана мисија.
Како медицински центар сме тука да се грижиме за здравјето на сите наши граѓани. Се надевам дека во иднина ќе имаме уште поусовршен и поквалитетен кадар и ви посакувам добро здравје на сите, рече директорот на Општата болница Охрид, д-р Горан Маркоски.
Да се биде 30 години во приватен бизнис во штотуку родена држава и по три децении вашата визија успешно да се развива, не е ни лесно ни едноставно. Успешната приказна на фирмата „Ентер“ која долго време важи за најголем македонски производител на деловен софтвер започна пред точно триесет години во Охрид. Компанијата во многу сегменти е или пионер, или водечка или единствена во државата. Тоа го покажа уште со нивниот прв производ, сметководствениот пакет visual accounting, кој беше првиот македонски софтвер што проработи на тогаш новиот windows оперативен систем, по што следеа првиот македонски интегриран болнички информационен систем, како и развојот на cyber monitor – првиот македонски софтвер што е извезуван преку интернет. Софтверското решение на Ентер luca business software solutions, е присутно во многу деловни субјекти во Западен Балкан. Последните години, компанијата обезбедува висококвалитетен IT консалтинг на проекти од Светска банка, Европска унија и други меѓународни институции. Ентер е бизнис приказна на годината.
Посебно ни е драго што ова признание доаѓа во година во која одбележуваме 30 години од Ентер што организаторот го препозна како симбол на истрајност, посветеност, визија и потврда дека и во Охрид може да се развие бизнис кој може да опстои со децении. Иако нашите активности воглавно се низ Македонија и регионот на Западен Балкан, сепак седиштето ни е во Охрид, доминантното производство ни е во Охрид и фабриката за производство на софтвер ни е во Охрид, што значи дека бевме и остануваме и понатаму Охридска фирма. Затоа и цел свет да го освоиш не можеш да доживееш поголемо задоволство од признанијата коишто ќе ги добиеме дома, од најблиските, од твоите. Посакуваме што повеќе успешни охридски приказни во наредниот период, а на организаторите што потешка задача во изборот на успешни бизнис приказни, истакна Стојан Ѓорески од компанијата Ентер.
На локалитетот Расница кај с. Корошишта, струшко, со археолошките истражувања што кулминираа во 2024 година, беа откриени преку 100 археолошки артефакти кои датираат од т.н. Доцноархајски период, односно 6 век пред нашата ера (п.н.е). Голем дел од артефактите се карактеристични и за далеку познатата архајска некропола Требениште која се наоѓа на само 5 км од некрополта во Корошишта. Пронајдената гробница е со монументални димензии 7м должина и 4.5 м ширина и засега претставува најголема откриена гробница од архајскиот период на Балканот. На овој проект неуморно и самопрегорно работеше тим археолози предводен од раководителот на проектот Перо Арџанлиев, а истражувањата во кои беа вклучени Археолошки музеј – Скопје, Заводот и Музеј Охрид и Музејот Незлобински Струга, резултираа со историско откритие од исклучително значење за македонската и светската наука. Охридњуз на тимот кој работеше на овој исклучителен научен проект му врачи признание за врвно археолошко откритие.
Најбитни се признанијата од заедницата од која потекнувате. Како охриѓанец сум горд на ова признание. По многу нешта ова е позитивна приказна, меѓуинституционална, но и меѓуетничка, бидејќи развивме соживот со локалното население. Со ова откритие ја возбудивме археолошката фела во Европа. Имам сознанија дека овој проект во иднина ќе биде поддржан посериозно од владата и се надевам дека заедно со тимот со кој работам и жителите на Корошишта ќе дојдеме до уште позначајни откритија, истакна на свеченоста Перо Арџанлиев, раководител на археолошкиот тим.
Вљубеници во боксот со голем напор и труд изминатите неколку години успеаја да го вратат на големата сцена охридскиот бокс, трансформирајќи го боксерскиот клуб кој го носи името на легендарниот спортски работник и боксерски тренер Алексо Огненовски во модерен спортски клуб кој остварува забележитени резултати на домашната и меѓународната сцена. Клубот изминатата година имаше бројни настапи на домашната и меѓународната сцена со значаен успех. Браќата Наум и Христијан Стојаноски, на меѓународниот боксерски турнир „Опен Балкан“ што се одржа во Лозница, Република Србија, се закитија со сребрени медали. Наум ги бранеше боите на Македонија на светското првенство за младинци во бокс што се одржа во Будва. Успешните настапи БК „Алексо Огненовски“ ги заокружи на Балканското првенство што се одржа во Лозница, Република Србија, каде Димитар Ѓорески, Наум Стојаноски и Енис Алиу, освоија бронзени медали, што е најголем успех на охридскиот бокс по 2002 година кога Илче Јоноски стана балкански првак. Спортска приказна на годината во изборот на Охридњуз е БК „Алексо Огненовски“.
Благодариме на Охридњуз за посветеното внимание и вреднувањето на нашата работа, што во иднина сигурно ќе биде стимул за уште попосветено и поуспешно настапување на меѓународните и домашните натпревари, рече Владимир Цекиќ од БК „Алексо Огненовски“.
Свеченоста во Кадмо бар на која присуствуваа бројни гости, меѓу кои и претставници на „Du Motion“ маратонот во Дубровник, музички ја збогати групата „Ника“, а водител беше Лејла Гогова.
Годишната ревија на настани на Охридњуз што ја изработи охридската печатница „Коста Абраш“, во наредните денови бесплатно ќе биде дистрибуирана до читателите, а на порталот ќе биде достапна дигитална верзија.
Фото галерија:
Наградени успешните приказни кои ја одбележаа 2024 во Охрид
OhridNews
Фото: А. Момироска
Видео: Ричард Калајџи/Давор Левески