Од 15 до 21 јули и од 23 до 31 јули македонската репрезентација во едрење составена од членови на клубовите „Акватика Јахтинг“ од Охрид и „Снегар“ од Струга ќе настапат на Европско и Светско првенство во класата Оптимист со седум натпреварувачи и во кластата Илка 4 со пет напреварувачи.

Очекуваме на овие две првенства кои за нас се од огромно значење дека ќе бидеме во средината за почеток после долги години со оглед дека не сме настапиле на вакви првенства. Условите за работа на Едриличарската федерација на Македонија и на клубовите беше доста тешка. Требаше да создадеме нови натпреварувачи кои ќе можат достојно да ја претстават Македонија на меѓународен план. Веќе две-три генерации се тука кои ќе настапат во различните класи. Имавме настапи на меѓународни регати и мислам дека имаме доволно искуство да настапиме и на Европското и Светското првенство, вели Стефан Ставрев, претседател на натпреварувачка комисија и селектор на репрезентација.

Во Солун има 300 пријавени натпреварувачи во класата Оптимист, а во Волос во Илка 4 се пријавени 400 натпреварувачи од целиот свет од кои 260 момчиња и 140 девојки.

Натпреварувачите велат се подготвувале подолг временски период и се радуваат на можноста да бидат дел од ова првенство.

После 10 години повторно се враќаме на тие првенства. Претходно сме учествувале во 2008 година на Светско првенство во Турција, 2009 година во Полска и во 2010 година последното Европско првенство кое беше во Словенија. Имавме некој застој во тој период. Но, годинава благодарение на Федерацијата и Агенцијата за млади и спорт, лично се заблагодарувам на Наумче Мојсоски и Огнен Стојаноски кои несебично ни помогнаа овиe два значајни настани да се одржат, вели Драган Челешоски, член на натпреварувалка комисија и тренер од „Снегар“ Струга.

Едриличарската федерација на Македонија вложува максимални напори децата да имаат услови за тренирање и да можат да излезат на вакви големи Европски и Светски натпреварувања. Се соочуваат со големи финансиски проблеми и најголема поддршка велат имаат од Агенцијата за млади и спорт.

Би сакал да апелирам до пошироката јавност, до сите граѓани и компании кои го сакаат езерото, го почитуваат, сакаат да се заштити езерото да помогнат со финансиски средства бидејќи едрењето покрај спорт е и еколошка дисциплина, нема загадување на езерото. Иднината и на развојот на спортот и на туризмот го гледаме во развојот на едрењето. Состојбата воопшто не е подобрена зошто апсолутно ништо не е направено од аспект на инфраструктура за развој на едрењето. Сите докови и пристаништа на Охридско Езеро се руинирани. Апелирам до надлежните максимално да вложат напори сите тие да се реконстуираат, да се поправат, да се изработат нови од еколошки материјали, вели Будимир Соколовиќ, претседател на Едриличарска федерација на Македонија.

Едриличарите продолжуваат со натпревари од меѓународен карактер во октомври во Дубровник и во септември во Текирдак. Најава има и за настап на Европските купови во Србија и Унгарија.

Македонската репрезентација од едриличари од Охрид и Струга на Европско и Светско првенство

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска/ Б.Стојаноски