Фудбалскиот клуб Ливерпул ја додаде шестата титула од Лигата на Шампиони на Енфилд совладувајќи го Тотенхем со 2-0 (1-0) во финалето на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.
Финалниот натпревар не понуди кој знае каков фудбал, но во мечевите каде влогот е голем очекувани се тактички надмудрувања и мислите комплетно да бидат насочени кон зачувувањето на својот гол.
Ливерпул имаше перфектно интро во финалето, откако постигна погодок од пенал преку Мо Салах во втората минута од мечот. Муса Сисоко играше со рака во казнетиот простор, а главниот судија Дамир Скомона без размислување покажа на белата точка.
Тотенхем немаше избор и се отвори, но немаше конкретна шанса во првото полувреме. Подобри прилики за погодок „петлите“ имаа во вториот дел, но Алисон Бекер влеваше голема самодоверба кај фудбалерите во „црвени“ дресови.
Ливерпул печат на победата вредна титула стави во 85-та минута кога Дивок Ориги погоди за 2-0 и ги реши сите дилеми.
Тотенхем остана без титула во дебитанскиот настап во финалето, додека Ливерпул ја прекина доминацијата на Реал Мадрид кој три последователни години ја освојуваше титулата.
Победата на Ливерпул во Охрид беше бурно прославена од навивачите на славниот премиерлигаш од цела Македонија, кои вечерва заеднички го следеа финалето од Лигата на шампиони во Кадмо бар.
OhridNews