Секојдневието на луѓето од балканскиот простор, секојдневното искушение со т.н. кучешки живот, кога не се знае иднината и секој ден мислиме што ќе стане утре е опфатено во претставата „Кумови“ од Душан Ковачевиќ, во режија на Билге Емин и во изведба на актерската екипа на Народен Театар Охрид. Ова беше истакнато на денешната прес конференција по повод премиерната изведба во Центарот за култура Охрид во недела, 20 октомври.

Ова е моја прва соработка со Народен театар Охрид. Работам со прекрасна актерска екипа, процесот траеше 45 дена и за мене беше многу убав. Најубавата тематска основа за нашиот човек во просторот е кучешкиот живот во кој првата причина е немањето работа, вели режисерката Емин.

Директорот на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Горан Стојаноски вели санува збор за едно убаво дело со кое се трудат да го задржат континуитетот на театарот и да направат нешто што е важно за културата во нашиот град и Македонија.

Феноменологијата на театарот е тоа да испровоцира емоции кои не се секојдневни. Затоа и постои и има интеракција со живи битија на лице место. Затоа со сета сила се трудиме, поголемиот дел од нашата публика да ја внесеме внатре и да се вратиме на нешто што не би смеело да изумре, а тоа е вистинската комуникација очи во очи, посочи Стојаноски.

Дел од актерската екипа е глумицата Адријана Билаловиќ Тодороска која вели се работи за исклучителен автор на текстот, текст кој е многу близок до нашиот менталитет.

Во текстот има многу суптилен хумор и има нешто многу интригантно што ќе го држи вниманието на гледачот до крај и се тоа во комбинација со естетиката што ни ја понуди Билге мислам дека имаме добра претстава, потенцираше Билаловиќ Тодороска.

Го толкувам ликот на Милан кој е ставен на пиедесталот да одбере да живее нормален живот или да го оставри неговиот сон и да биде поблиску до тие кои ги сака, вели актерот Никола Тодороски.

Не би сакал да откривам повеќе детали, бидејќи тие ја прават претставата посебна. Се работи за една деликатна комедија која можам да кажам досега од овој тип до ваква нијанса сме немале на репертоарот, истакна Тодороски.

Иако сме млад театар сепак сме доволно зрели за малку посмели приказни и ова е навистина една смела приказна, рече актерката Елизабета Стефановска Јандреовска.

Ја нарековме црна комедија, авторот е генијален и на многу лесно-комичен начин раскажува многу болни и сурови теми, многу болни и сурови вистини кои верувам ќе стигнат до публиката и ќе испровоцираат кај неа тоа што испровоцира и кај нас. Има една многу важна реплика која вели: „Човек на улица без работа и леб, тој не е човек тој е куче“. И во една таква комична ситуација е многу лесно, но всушност е една многу страшна вистина. Мислам дека публиката ќе го препознае нашиот заеднички труд, додава Стефановска Јандреовска.

Во претставата покрај Адријана Билаловиќ Тодороска, Никола Тодороски и Елизабета Стефановска Јандреовска, играат и актерите Стрезо Стаматовски и Ивица Цонев.

Преводот и драматургијата се на Кристина Тодороскса- Петреска, сценографијата на Татјана Христоска- Бажевска, додека костимографијата на Марија Пупуческа.

Претпремиерата ќе биде изведена во сабота, 19 октомври со почеток во 20 часот, а цената на билетот е 300 денари.

За премиерата која ќе биде изведена во недела, 20 октомври во  20 часот цената на билетот е 400 денари. Билетарата работи секој работен ден од 10.00-17.00 часот и 13:00-20:00 часот на денот на изведба на претставата.

Н.С.Ј.

фото/видео. А. Момироска