Приказната за изработката на Охридски бисер нема една, туку повеќе тајни вели осумдесет и три годишниот Климент Талев, чие семејство деновиве одбележува 100 години од почнувањето со рачна изработка на оригинален Охридски бисер, што овој бренд го сврстува меѓу најстарите не само во Охрид, туку и во Македонија воопшто.

Јас сум обврзан со клетва дека морам додека сум жив и јас и моите поколенија да работам и да работат така како што работел мојот татко затоа што секој новитет, индустријализација на овој процес ја губи вредноста и важноста на домашна ракотворба – рачно изработен охридски бисер. – истакна Климен Талев во „Интервју“ на Охридњуз.

Климент Талев

Климент Талев е претставник на втората генерација Талеви кои изработуваат оригинален Охридски бисер. Тајните на изработката му ги пренел неговиот татко Ване, а тој на неговиот син Ване, а сега приказната ја продолжува и внукот Климент.

Од 1963-64, кога татко ми ми ја предаде тајната за изработката на емулзијата за премачкување на седефастите зрна и финализација на производот за да се добие Охридски бисер знам само за работа. Работа, работа и само работа. Јас сум знаел да работам по 12 и 14 часа. Дури мајка ми ме наоѓала заспан на работната маса, раскажува Климент Талев.

Семејството Талеви

Накитот изработен од вредните раце на семејството Талеви ги краси грлата на многу познати светски дами, меѓу кои и принцезата Дијана и кралицата Елизабета Втора. Иако бисеот е репрезент на Охрид и еден од најпрепознатливите симболи на градот, Талев е разочаран од односот на надлежните институции во државата кои не ги штитат занаетчиите кои создаваат вистински вредности.

Ако земеме предвид колку непреспиени ноќи имам, колку километри сум направил да го пласирам Охридскиот бисер, колку труд сум вложил, а државата да не води ни малку сметка за дивата конкуренција која егзистира и работи во Охрид, разочаран сум колку не сум заштитен како производител на сертифициран оригинален Охридски бисер. Во Охрид се се’ продава под името Охридски бисер, го срамат градот, резигнирано одговара Талев.

Јубилејот 100 години оригинален Охридски бисер „Талеви“, познатото охридско семејство го одбележа со пригодна свеченост што се одржа синоќа во ресторанот Анамарија. Во прекрасна атмосфера беше изведена песната за бисерот на Талеви изработена од маестро Митко Кољушевски пред дваесет години. На одбележувањето на овој голем јубилеј присуствуваа деловни партнери, пријатели и гости, меѓу кои и семејството Филеви кое заедно со Талеви се единствените сертифицирани за изработка на оригинален Охридски бисер со заштитен трејд марк.

Фото галерија:

Семејството Талеви одбележа 100 години од почнувањето со изработка на оригинален Охридски бисер „Талеви“

Горан Момироски
Фото: Анамарија Момироска
Видео: Бобан Стојаноски