Во мирна, фер и демократска атмосфера помина вчерашниот изборен ден во Охрид. На првиот круг од претседателските избори во Охрид на 87 избирачки места гласале 26.171 лице, односно 50,64 отсто од запишаните 51 717 лица во избирачкиот список.
До Општинската изборна комисија беа поднесени два приговора од лица кои не биле во избирачкиот список, а од СВР Охрид информираа за приведено едно лице кое го фотографирал избирачкото ливче, како и за лице кое јавно гласало.
Охриѓани се изјаснија дека очекуваат претседател кој ќе работи за афирмација на Македонија, за средување на неповолни настани што се случуваат во нашата држава, кој ќе биде поактивен општо, но и на меѓународен план. Очекуваат подобар животот, но и поголема грижа како за постарите, така и за младите.
Според првичните неофицијални резултати објавени од страна на Државната изборна комисија во Охрид со над 9000 гласа водство има кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, пред кандидатот од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски. Така, Силјановска Давкова има освоено 14.688 гласови (54,10%), додека Пендаровски 5.531 гласови (20,37%).
Трет е Максим Димитриевски од ЗНАМ кој има 3.015 гласови (11,10%), по него следи Бујар Османи од ДУИ со 1.326 гласови (4,88%), Билјана Ванковска поддржана од Левица има 1.277 гласови (4,70%), Арбен Таравари од коалицијата Вреди со 367 гласови (1,35%) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 132 гласови (0,49%).
По првичните резултати кои ги имаа во аналитичките центри на политичките партии во Охрид, од ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид излегоа со податоци за голема предност на нивната кандидатка пред останатите кандидати во Охрид.
Бројни членови и поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ се собраа пред штабот на партијата во Охрид, а се славеше и низ охридските улици.
Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид ја прославија победата на Силјановска Давкова во првиот круг од претседателските избори
Водство на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 1.277 (57,06%), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 546 гласови (24,40%), покажуваат и резултатите на ДИК од Дебрца.
Силјановска Давкова и Пендаровски влегуваат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај, истовремено со единаесеттите парламентарни избори во земјата. Силјановска Давкова според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија од преброени гласови од 3.360 избирачки места односно 95,78 отсто од избирачките места во државава освоила 349. 746 гласови – 40,23 проценти, додека Пендаровски 173,612 гласови односно 19, 97 проценти.
Н.С.Ј.
фото/видео. Б. Стојаноски