Младата Христијана Парулеска, член на Таеквон-до клубот „Хваринг ИТФ Лескоец – Охрид“ и репрезентативка на Македонија, е прогласена за најдобар спортист во Општина Охрид во изборот за 2023 година, што се одржа вечерва во големата сала на локалната самоуправа.

Христијана Парулеска во 2023 година испиша историја во македонскиот спорт. На Европското првенство во Јесоло-Италија, таа освои златен медал во борби, сребрен медал во форми и беше прогласена за најдобра кадетка во Европа. Неколку месеци подоцна на Светското првенство во Астана-Казхстан, во силна конкуренција, Парулеска во борби го освои бронзениот медал.

Посебна чест ми претставува што сум вечерва тука со вас и најдобрите спортисти од нашиот град со кои имаме иста цел, да го негуваме спортот и да бидеме најдобри помеѓу најдобрите. Посакувам оваа година да бидам уште поуспешна и цел свет да слушне за нашата татковина, истакна најдобрата спортистка на Охрид, Христијана Парулеска.

Христијана Парулеска

На изборот беа прогласени спортските надежи во машка и женска конкуренција, најдобриот тренер, клуб, спортист странец кој настапува во екипа од Охрид, како и Охриѓанец кој настапува надвор од територијата на општината.

Беа врачени и признанија за придонес во развојот на водените спортови, а постхумно професорот Миле Христовски беше прогласен за Спортска легенда на Охрид.

Професорот Миле Христовски беше пасиониран вљубеник во спортот, ентузијаст, непрегорен спортски работник. Голема љубов му беше кошарката, неизмерно ја сакаше атлетиката. Активно се занимаваше со спорт до крајот на животот. Охриѓани го паметат по неговиот ведар дух и спортското тело кое го одржуваше возејќи велосипед, трчајќи или вежбајќи речиси секојдневно, се до својата 84-та година кога замина од овој свет.  Тој остави неизбришлива трага во охридскиот спортски живот, посебно во кошарката, поставувајќи ги темелите на овој спорт во градот.

Најдоброто од спорот во Охрид за 2023 година:

Охридска спортска надеж во инивидуален спорт (мажи)
Александар Камнароски – Атлетски Клуб „Охрид ТрчаТ“ – Охрид

Во 2023 година освои повеќе награди од Атлетска федерација и е еден од прво рангиранте на државните првенства во својата старосна категорија и останати. Најдобрите резултати ги постигна во дициплините: скок во далечина (едно прво место ,пет втори места, две трети места), трискок (едно прво место, едно второ место) и штафетно трчање (едно прво,три втори места, две трети места).

Охридска спортска надеж во индивидуален спорт (жени)
Елена Јанеска – Таеквон-до клуб„Хва Ранг ИТФ“ Лескоец – Охрид

Актуелен државен првак, учесник на 6 меѓународни натпревари, со освоени 13 медали и пехар за најдобра јуниорка на “Софија Опен 2023”. Во 2023 година Елена Јанеска настапи на Европското таеквондо ИТФ првенство кое се одржа во Јесоло, Италија, како и на Светското таеквондо ИТФ првенство во Астана, Казахстан. На двете првенства го освои 5-то место.

Охридска спортска надеж во колективен спорт (жени)
Сара Ѓорѓиеска – Градски кошаркарски клуб „Охрид“ – Охрид

Со кошарка активно се занимава 4 години. Учествувала во младинските лиги М-16 и М-18, а во 2023 година беше дел од Младинската лига М-18 и сениорската Прва Б лига жени. Член е на женската репрезентација на Македонија до 18 години со која настапи на Европското првенство – Дивизија Б кое се одржа во Софија во 2023 година.

Тренер на годината
Марјанчо Лазаревски – Таеквон-до клуб „Хва Ранг ИТФ“ Лескоец – Охрид

Ја предводеше македонската репрезентација на ЕП во Јесоло, Италија, каде Христијана Парулеска освои злато во борби и сребро во форми, а уште тројца репрезентативци стигнаа до ¼ финале. Лазаревски во 2023 година ја предводеше репрезентацијата и на СП во Астана. Казахстан, каде Христијана Парулеска стигна до бронза во борби. Во 2023 година неговите ученици учествуваа и на Државното првенство во таеквондо, како и на 10 меѓународни натпревари, освојувајќи рекордни 266 медали: 53 златни, 61 сребрени и 78 бронзени.

Спортска екипа на годината
Таеквон-до клуб „Хва Ранг ИТФ“ Лескоец – Охрид

Членовите на Таеквон-до клуб „Хва Ранг ИТФ“ Лескоец – Охрид во 2023 година постигнаа историски резултати на домашни и меѓународни натпревари. Како дел од репрезентацијата на Македонија, охридските таеквондисти учествуваа на Државното првенство во таеквондо и на 10 меѓународни натпревари, освојувајќи рекордни 266 медали: 53 златни, 61 сребрени и 78 бронзени. Членот на ТК „Хва Ранг ИТФ“ Лескоец – Охрид, Христијана Парулеска, на ЕП 2023 во Италија освои злато и сребро, а на СП 2023 во Казахстан се закити со бронзен медал.

Спортист странец кој настапува во екипа од Охрид
Гал Цирар – Градски ракометен клуб „Охрид“ – Охрид

Словенечкиот интернационалец минатата сезона (2022/23), беше во врвот на стрелците во плеј оф натпреварите. Во првиот дел од сезоната 2023/24 е еден од лидерите на клубот, најдобар стрелец на ГРК Охрид и на два пати прогласуван е за играч на колото во ракометната Супер лига. Ракометарот од прекрасното Велење во Словенија со новиот договор во Охрид останува до 2026 година.

Спортистка од Охрид која настапува во клуб надвор од територијата на Општина Охрид
Јована Котушеска – Шаховски Клуб „Алкалоид“ – Скопје

Јована во 2023 година освои второ место на Регионалниот рапид турнир во шах за млади „Lake Queen School Cup 2023“ во Струга во категорија до 12 години, и прво место на Младинскиот рапид турнир. На првенството во шах на Македонија за девојчиња до 12 години, кое се одржа во Струга, Јована Котушеска освои 2 место, а на екипното првенство прво место. Учествуваше на Европското првенство во шах за млади во Мамаја, Романија, каде во конкуренција на натпреварувачи од 15 земји, оствари две победи.

Признание за афирмација и промоција на водение спортови
Кајак Кану Клуб „Стрмец“ – Охрид

Во 2023 година ККК „Стрмец“ оствари забележителни резултати. На Меѓународната регата во Охрид, во конкуренција на 70 натпрварувачи, охридските кајакари освоија 10 подиуми, од кои 4 први места. На Државното првенство што се одржа на Охридското Езеро, членовите на ККК „Стрмец“ освоија 4 одличја, едно прво место, две втори и едно трето место. ККК „Стрмец“ во 2023 година учествуваше и на Меѓународна регата во Грција, каде охриѓани освоија прво место во двосед и второ, односно трето место во женска конкуренција поединечно во К1.

Признаие за афирмација и промоција на водение спортови
Здружение за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ – Охрид

Во изминатата 2023 година „Акватика Јахтинг” Охрид ја организираше критериската регата „Заедно за иднината на езерото” за класите Оптимист, ИЛКА 4 и 470 и Школата за едрење за сите возрасти. Во рамки на „Ohrid Water Festival“, „Акватика Јахтинг” го организираше настанот „Express Sailing“, како и „International Ohrid Sailing Regatta“ со учество на 56 едриличари од Србија, Полска, Бугарија и Македонија. Членови на клубот настапија на повеќе натпревари на Охридското Езеро, како и на регатата во Палич, Србија, Шарлов Куп-Смедерево, Србија, а врв на сезоната беа настапите на Европското првенство – класа Оптимист, во Солун, Грција, и Светското младинско првенство, класа ИЛКА 4, во Волос, Грција.

Најдобрите охридски спортисти ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков кој го истакна значењето на спортот.

Спортските успеси го воведуваат спортистот во едно ново ниво на самодоверба, поттикнувајќи го неговиот дух и волја за уште поголеми постигнувања. Навистина ми е драго што оваа вечер ја посветуваме на сите спортисти кои се гордост за Охрид и кои го даваат најдоброто од себе на спортските терени и на спортските натпревари. Овие спортисти и спортски работници кои ќе ги наградиме вечерва се пример за упорност и посветеност и се вистински двигатели на спортските стандарди во нашиот град, рече Пецаков.

Градоначалникот најави дека Општина Охрид ќе продолжи силно да го поддржува спортот.

Токму затоа и оваа година преку програмата за спорт ќе инвестираме околу 54 милиони денари, кои се надевам дека ќе вродат со плод и дека наредната година ќе може заедно да прославиме уште поголеми спортски достигнувања, рече Пецаков.

Охрид ги избра најдобрите од спорот за 2023-та

Изборот на спортист на годината го изврши комисија формирана од Општина Охрид во која членуваат истакнати спортски работници од градот: професорот и советник Наум Јамандиев (претседател), проф. Перо Георгиески, Марјан Бошалески, Јоне Станкоски, Стефан Ставрев, Ванчо Јованоски и новинарот Горан Момироски.

Изборот го направивме врз основа на критериуми според кои се бодуваат успесите на пријавените спортисти од претходната година, посочи претседателот на Комисијата, Наум Јамандиев, изразувајќи надеж дека охридските спортисти ќе бележат забележителни резултати на домашната и меѓунаодната сцена и во наредниот период.

Фото галерија:

Г.М.
Фото: Емил Јовановиќ
Анамарија Момироска