Втор викенд Охрид живее под продолжен полициски час, кој го воведе Владата за да се спречи ширењето на смртоносниот коронавирус Ковид 19.

Во најголемиот туристички центар каде вообичаено ова време од годината е раздвижено и доаѓаат првите гости пред сезоната, нема жива душа. Граѓаните ја почитуваат мерката за забрана за движење која во викенд е продолжена од 16 до 5 часот. Улиците, како и познатите шеталишта, плоштади и чаршијата се празни, а дуќаните под клуч.

Во градот кој повеќе наликува на сцена од научнофантастичен филм, владее неопислива тишина, која од време на време ја разбива некој лаеж, птица или друго животно.

Единствено можат да се забележат полициски патроли кои ја контролираат ситуацијата. Дека е така потврдува и екипата на OhridNews, која со уредна дозвола за движење во полициски час направи обиколка низ градот, при која три пати беше легитимирана од полицијата, која внимателно го проверува секое движење.

Полициски час на сила е на целата територија на државата, а во Куманово поради зголемениот број заразени од Ковид 19, викендов има 56 часовна забрана за движење, која ќе трае до 5 часот наутро во понеделник.

Во изминатото деноноќие потврдени се 53 нови случаи позитивни на Ковид 19 во земјата, а вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 483 лица. Денеска се регистрирани и пет смртни случаи со што бројот на починати од почетокот на пандемијата кај нас се искачи на 17.

Г.М.