Некропола од архајскиот период, 6 век пред нашата ера, со 80 артефакти е откриена во струшко Корошишта. Од досега спроведените истражувања откриени се два гроба, надградник, дел од златна рака, златните прстени…
Денес сме сведоци на голем научно-истражувачки успех кој не само што фрла нови светла на археолошката историја на Македонија, туку и претставува значаен придонес во Европското и Светското археолошко наследство, истакна на денешната прес конференција министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања кои го осветлуваат животот на цивилизациите кои оставиле траги од минатото, а чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст. Во 2020 година е започната целата приказна кога господинот Шефид Шефчедини при извршување на земјоделски работи во атарот на село Корошишта, струшко открива бронзен шлем кој потоа го предава во Завод и Музеј Охрид. Во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј Скопје предводен од сегашниот раководител добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шефчедини за вршење на археолошки истраживања. Археолошките истражувања се одвиваат на локалитетот „Расница“ во атарот на село Корошишта, струшко. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период, 6 век пред Христа, која по многу нешта наликува на Трбенишката некропола. Во рамки на гробната целина регистрирани се 80 наоди кои не само што се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањето, туку ја надополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени прилики во регионот. Убеден сум дека ќе имаат позитивен ефект врз туризмот и врз економијата во Македонија, рече Љутков.
Археологот Перо Анџарлиев кој е раководител на проектот за истражување на архајската некропола Корошишта вели вакви наоди се откриваат еднаш во векот.
Се надевам дека ова епохално откритие ќе ја поттикне цела македонска археологија. Ова откритие е огромно и по монументалноста на гробницата, по карактерот на наодите. Дел од тие наоди се овде денес, дел ќе бидат конзервирани во најбрз можен рок и претставени пред јавноста. Во медиумите протекоа информации дека има и златна маска, но засега немаме откриено, но затоа има многу повредни наоди. Не мора во секој гроб да има златна маска. Овој надградник, дел од златна рака, златните прстени и сите други наоди покажуваат дека покојникот кој е погребан таму и гробната архитектура која е имозантна ги надминува сите досега познати архајски некрополи на Балканот. Дното на гробницата е на 5 метри длабочина и многу труд и посветеност требаше да се стигне до овие откритија. Контекстот на наодите е многу важен и укажува дека покојникот бил член на елитата која владеела со овој простор. Гробот беше запечатен и после 6 век пред наша ера ние сме првите кои го видовме ова. Се надевам дека Владата ќе застане позади нас да продолжиме со истражувањата, истакна Анџарлиев.
Посочи дека низа дезинформации биле пренесени во јавноста, меѓу нив локацијата, како и што е пронајдено посочувајќи дека во 6 век златни монети немало, но и тоа дека локалитетот не бил познат од 1954 година туку првапат е случајно откриен во 2020 година.
Пред три години кога копавме во нивата го пронајдовме шлемот и го донесовме во НУ Завод и Музеј Охрид. Оттогаш размислувавме дека сигурно има и нешто друго. Археолозите доаѓаа да прашуваат кога може да почнат да копаат. Им дозволивме, извадија доста работи. И на другите ниви околу може да има вакви гробишта, вели Шефид Шефчедини.
Директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев, ја истакна институционалната соработка со Археолошкиот музеј во Скопје и со НУ „Д-р Никола Незлобински“ од Струга, потенцирајќи ја притоа важноста на откритијата.
Со овие откритија се потенцира важноста на тоа што границите на универзалното исклучително природно и културно наследство се простираат длабоко на северната обала од Охридско Езеро. Многу луѓе се прашуваат зошто, ова е една потврда. Границите на Охридскиот регион кој е заштитен под УНЕСКО се наоѓа и во општините Струга и Дебрца. Благодарност до случајните наоѓачи на предметите и ги охрабрувам сите други жители кои ќе најдат вакви слични предмети слободно да ги пријават, рече Патчев.
Славица Бабамова, директорка на Археолошкиот музеј во Скопје посочи дека наодите ќе бидат конзервирани во Завод и Музеј Охрид.
Ќе ги конзервираме во Завод и Музеј Охрид, а потоа се надеваме дека ако продолжиме со истражувањата како што планираме ќе ни треба и нов музеј на архајската култура во Македонија, рече Бабамова.
Археолошките истражувања се дел од Програмата на Археолошкиот музеј финансирани од Министерството за култура и туризам за 2024 година.
Ова ќе биде приоритет највисок на Владата бидејќи е нешто што ретко се случува еднаш во векот. Ќе подготвиме информација за Влада заедно со трите национални установи и преку Министерство за култура ќе поднесеме Информација на Влада за да ја известиме за се тоа што се случувало периодов и ќе ги преземеме сите мерки објектот да биде заштитен како што треба, истакна Љутков.
фото. Министерство за култура
Воедно беше посочено дека локалното население треба да биде запознаено со ова културно наследство, дека локалитетот е обезбеден, но и дека казнените мерки се многу високи кога станува збор за заштитата на истото.
Н.С.Ј.
фото. Министерство за култура
фото/ видео. А.Момироска