Пожарот во Националниот парк Галичица кај граничниот камен Ф10 кој почна на албанскиот дел од планината, по мирната ноќ денеска повторно се разгоре и на македонска страна.
Гори приземна вегетација и грмушки од смрека, што го отежнува гаснењето кое се одвива од земја и воздух. На терен се екипи на Националниот парк Галичица и на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид кои прават надчовечки напори да го спречат ширењето на пожарот и да го држат под контрола.
Ним им помага хеликоптер на МВР кој исфрла вода врз пожарот. Гаснењето го отежнува тешко пристапниот терен и големата височина на пожарот кој гори на над 2000 метри надморска височина. Проблем претставува и тоа што со возило може да се стигне само до одредено место од каде пеш треба да се оди уште неколку часа до жариштето. Поради тоа се разгледува опцијата смената на ангажираните екипи да се врши со хеликоптер.
Ветрот исто така не е сојузник во целата ситуација, го менува правецот и придонесува за разгорување на огнот кој засега повеќе се шири на јужната падина на Галичица.
Г. Момироски