На пригодна свеченост што поради актуелната здравствена ситуација се одржа во согласност со протоколите за заштита и спречување на ширењето на вирусот Ковид 19, во Центарот за култура „Григор Прличев“, првиот информативен интернет портал во Македонија „оhridnews.com“, денеска по 7-ми пат ги додели Признанијата на успешните приказни во Охрид – истакнати организации и поединци, кои со своето работење и делување оставиле белег во заедницата во годината што изминува, и ја промовира Ревијата на настани кои ја одбележаа 2020 година, која овој пат доби само дигитално издание кое веќе е достапно за сите читатели на нашиот портал.
ЛИНК ДО ГОДИШНАТА РЕВИЈА НА НАСТАНИ 2020 НА OHRIDNEWS
Ниту во најцрните сценарија не можеше да се замисли дека човештвото во 2020 година ќе се соочи со здравствена криза од глобални размери, невидена во поновата историја, чии последици веројатно уште долго ќе ги чувствуваме. Во еден таков чуден амбиент пулсираше и Охрид оваа 2020 година. Но, освен следењето на дневната ковид статистика и информациите поврзани со пандемијата, во годината што изминува се случија бројни настани кои го одбележаа животот во Охрид. Дел од позначајните случувања најдоа место во 7-то издание на „Годишната ревија на настани“, што традиционално на крајот од годината ја промовира OhridNews. Годинава поради пандемијата „Годишната ревија на настани 2020“, ја издадовме онлајн. Од истите причини и церемонијата на која OhridNews ги доделува признанијата на најдобрите приказни во 2020 се одржа во согласност со мерките и препораките за заштита од Ковид 19, со пренос во живо на интернет, што го реализиравме во соработка со „Мега продукција“. – рече на почетокот од пригодната свеченост Горан Момироски – главен и одговорен уредник на порталот OhridNews.
Редакцијата на OhridNews, оваа година додели пет Признија: на Општата болница Охрид за пожртвуваната борба против Ковид-19, на Охридската академија на хуманизмот за трајни вредности и промоција на Охрид, на публицистот, културен и туристички работник Мишо Јузмески за придонес во промоција на туризмот, на еко движењето „Еко Фап“ за активизам и подигнување на еколошката свест и на Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид за 35 годишниот придонес во зачувувањето на Охридското Езеро.
Поради актуелната здравствена состојба настанот се одржа со ограничено присуство и во согласност со протоколите за заштита и спречување на ширење на Ковид 19.
Во пресрет на Новата година, OhridNews подготвува празнично изненадување за охриѓани. Имено, утре вечер, 30 декември, на нашиот портал и нашиот YouTube канал, со почеток во 19 часот, ексклузивно ќе се емитува специјално видео издание во кое ќе бидат поместени моменти од сите досегашни изданија на најдоброто културно-забавно шоу во Охрид „Зимска Бајка“, кое го најавува извонредниот стендап комичар и актер Никола Тодороски на само нему својствен начин.
Ретроспективата на „Зимска Бајка 2015-2020“ е подарок за охриѓани за новогодишните и божиќните празници, а ја овозможија нашите помагатели: „Топ Маркет“, „АСП – ПАК“, „Жито Леб“, Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“, „Кармен Бауцентар“, Аптеки „Виа Фарм“, Паб „Тино“, Кафе и бар „Шила“, „Мега продукција“, „Love&Life studio“, „Art Space“ и Општина Охрид.
OhriidNews денеска по 7 пат ги избра најуспешните приказни во Охрид во годината што изминува:
OhridNews
Фото: Емил Јовановиќ