Екипата на АСП ПАК ја одбрани титулата на традиционалниот турнир во мал фудбал „Петровден“ во Мешеишта. Во финалето на 48 издание на турнирот,  што се одигра пред полни трибини, АСП ПАК ја совлада екипата на Вабко Сервис Џуте по изведување на пенали 4:3. Во регуларниот дел мечот заврши нерешено 1:1.

Публиката виде одличен натпревар. Се играше тврдо, но не изостанаа добри потези и, секако, неизвесност и возбудувања. Вабко Сервис Џуте имаше иницијатива во првиот дел, но АСП ПАК одлично функционираше во поле. Првиот дел не донесе промена во резултатот.

Во вториот дел продолжи големата битка. По една добра акција Меритон Мерко ја донесе во водство од 1:0 екипата на Вабко Сервис Џуте. АСП ПАК от тој момент стави се на една карта – напад. Мишо Шоргиески застана на голот како опција плус во играта на АСП ПАК. Токму тој беше човек на одлука постигнувајќи ефектен гол од далечина за израмнување 1:1.

Во пенал серијата повеќе среќа имаше екипата на АСП ПАК која не реализираше само еден удар од седум метри, а противникот промаши два пенала.

Најдобри стрелци на турнирот беа Методија  Милески и Никола Шекуткоски со по 5 погодоци во елиминационите средби. За најдобар лолман прогласен беше Љупчо Ѓоргески – Вабко Сервис Џуте, а награда за најдобар млад играч „Јован Николоски“ ја доби Борче Макешоски  – Тороман Мешеишта. За најдобар играч на турнирот прогласен е Мишо Ѓеоргиоски.

Фото галерија:

АСП ПАК го освои турнирот „Петровден 2023“ во Мешеишта

Г.М.
Фото: Бобан Стојаноски