На пригодна свеченост што се одржа во Големата сала на општината, Град Охрид ги прогласи најдобрите во спортот во 2021 година. Беа доделени признанија за најдобар спортист, најдобри надежи, клубови. Годинава беше доделена и награда за животно дело, како и специјално признание за спортски подвиг.

Атлетичарот Дејан Ангелоски ја понесе наградата за спортист на годината за одлични резултати на разни меѓународни натпреварувања со кои неколку години со успех го претставува градот Охрид и Македонија. Ангелоски е државен првак во скај ранинг класик за 2021 година, во вертикален километар за 2021 година и во класично планинско трчање за 2021 година.

Ангелоски во обраќањето по добивањата на наградата истакна дека негов конкретен спорт е трчање на врвови, искачување на врвови, додавајќи дека  сите спортисти си имаат искачување на врвови, сите луѓе си искачуваат свои врвови во своите животи.

Сите си имаме своја планина во животот што ја трчаме постојано целиот свој живот. Како спортисти имаме главна улога да ги мотивираме сите луѓе да ја поминат патеката во животот и планината што ја трчаат на полесен начин, да ги мотивираме и поттикниме во своите падови да ги следат нашите успеси и со тоа да добиваат мотивација. Благодарност за поддршката се надеваме дека нема да ве изневериме уште долго време и дека резултатите ќе се кренат на уште повисоко ниво во Охрид, нашата земја и надвор од неа и секогаш ќе го претставуваме Охрид во најдобро светло, рече Ангеловски.

Наградата за спортска легенда за посебни заслуги во спортот постхумно беше доделена на Алексо Огненовски, основач на боксерскиот клуб во Охрид.

Огненовски своето врвно боксерско знаење го стекнал во поранешниот Советски сојуз, каде што и боксувал, а воедно и се школувал. Веднаш по завршувањето на школувањето се враќа во Охрид каде го основа боксерскиот клуб Охрид и со тоа станува основоположник на боксот во нашиот град. Под негова палка изникнаа многу боксерски национални шампиони, како и македонски репрезентативци кои достојно ги бранеа боите на клубот, градот и државата насекаде низ светот. Почина во 2012 година на 69 годишна возраст, а зад себе остави неизбришливи траги во боксерскиот спорт. Наградата ја прими претседателот и тренер на клубот, Владимир Цекиќ.

Наградата во категоријата спортски подвиг на годината му беше доделена на Марко Пејчиновски.

Пејчиновски стана најмладиот пливач кој ја препливал делницата од Св. Наум до Охрид на 3 јули, во чест на празникот Св. Наум. Неколку недели подоцна Марко преплива 45 километри од Охрид до Св. Наум и назад во Охрид. Овој единствен подвиг во историјата на македонското пливање, тој го посвети на својата мајка. На 4 септември Марко направи уште еден пливачки подвиг, кој беше посветен на лицата со ретки болести, препливувајќи ја за нив делницата Охрид – Струга – Охрид.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека спортските успеси не се само гордост на спортистите тие се гордост на сите нас, додавајќи дека особено му е драго што под покровителство на локалната самоуправа се организира еден ваков настан на кој се доделуваат признанија на најдобрите спортисти во Охрид.

Со тоа што ги вреднуваме нивните важни успеси и симболично ќе ги наградиме нивните постигнувања сакаме да испратиме порака за афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за развој на сите спортски дисциплини во нашиот град. Со својот незапирлив дух нашите спортисти победуваат, освојуваат награди и ние сме тука да ги бодриме и мотивираме за уште поголеми успеси. Нашата поддршка продолжува и во иднина и во текот на 2022 година во општинскиот буџет издвоени се 29 милиони и 200 илјади денари за поддршка на спортските клубови, спортските настани и секако за развој на спортските школи. Вие сте нашите најзначајни амбасадори и искрено ви благодарам што го претставувате Охрид во најубаво светло, рече градоначалникот Пецаков.

Наградата за спортска надеж во машка и женска конкуренција им припадна на Симон Петрески, каратист, а во женска конкуренција на атлетичарката Јана Димоска. Наградата спортист од друго населено место или странец кој настапува во екипа од Охрид доделена на атлетичарот Јован Стојоски. Спортист/ка од Охрид кои настапуваат надвор од територијата на Општина Охрид беше доделена на кошаркарите Петар Бошалески и Габриела Модева. Наградата во категоријата – спортска екипа на годината ја доби ГРК Охрид.

Прогласени најдобрите во спортот во Охрид

Покрај градоначалникот Кирил Пецаков, наградите ги врачија и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, советникот Наум Јамандиев и Јоне Станкоски од оддлението за спорт при локалната самоуправа.

 

OhridNews