На пригодна свеченост што се одржа во големата сала на Општината, Град Охрид ги прогласи најдобрите во спортот во 2022 година. Беа доделени признанија за најдобар спортист, најдобри надежи, тренер на годината, спортска екипа, спортска приказна и охридска спортска легенда.

Наум Јаковлев од карате клуб „Фудошин“ – Охрид беше прогласен за спортист на годината за 2022 година. Неговата посветеност на карате спортот го донесе да биде учесник на 21-то Светско првенство во традиционално карате во Скопје каде го освои одличното 3-то место. Во 2021 г. го освојува 4 место на Државното првенство-кумите, во 2022 година го освојува повторно 4 место, додека во 2018 г. и 2019 г. го освојува 5 место. Започнува да тренира карате во 2017 година.

Јаковлев во обраќањето по добивањето на наградата истакна дека прекрасно е чувството да се биде дел од највозвишените и најуспешните спортисти на град Охрид.

Овој успех е една голема мотивација за уште поголеми успеси и достигнувања со цел да се претстави градот Охрид. На сите кои се посветени спортисти и други луѓе кои имаат некоја зацртана цел и сакаат да ја остварат би им посакал да постигнат поголеми награди и поубави доживувања. Би им дал совет да не се откажат бидејќи само тие знаат што гледаат и доколу се откажат сигурно нема да успеат, рече Јаковлев.

Наградата за охридска спортска легенда – за посебни заслуги во спортот (постхумно) и беше доделена на Јулијана Николиќ (веслање). Николиќ остави неизбришлива трага во веслачкиот спорт во Охрид, Македонија и поранешната заедничка држава. Со веслање почнала да се занимава во 1974 година, кога станува Републички шампион.

Се редат медали и успеси на регионални, републички и државни првенства. Во 1975 година таа освојува две места на Државното првенство во Шибеник, станува републички првак и победник на 6 регати. Една година подоцна Николиќ е државен вицепрвак во сениорска категорија и републички првак. Успесите со несмален интензитет се редат во годините што следат, државни одличја, освоени регати, меѓународни успеси. Се така до 1981 година, кога престанува да се натпреварува. Од 1983 година е тренер во Веслачкиот клуб „Југ“ – Охрид несебично пренесувајќи го знаењето на бројни генерации веслачи.

Во нејзино име наградата ја прими нејзината ќерка Александра Маленковска.

Некаде е запишано да се биде легенда, можеби е судбина. Јулијана би сакала да биде тука и верувам дека би била прегорда, зошто најбитното нешто е да верувате во своите соништа, да се будите секое утро со исполнување на својата цел. Оваа награда е создадена со многу труд и љубов кон спортот во овој случај кон веслањето, рече Маленковска.

Наградата за спортска приказна на годината беше доделена на ГКК „Охрид“ – Охрид. Клубот е формиран како Здружение на граѓани од неколкумина ентузијасти и вљубеници во кошарката во Oхрид. Во тригодишното постоење се етаблира како сериозен клуб во II Mакедонска кошаркарска лига. Посебен успех на клубот е младинската школа која во моментов брои повеќе од 200 членови, момчиња (м-14,16 и 18) и девојчиња (м-16 и 18). Повеќе млади кошаркарки и кошаркари на ГКК Охрид се најдоа на списокот на националните селекции до 14 и 16 години. Оваа година ГКК Охрид за прв пат ќе биде дел од европската младинска кошаркарска лига (eybl) со момчињата до 15 год.

Наградата за спортска надеж во машка и женска конкуренција им припадна на Давид Крстески и Христијана Парулеска од Таеквон-до Клубот „Хва Ранг ИТФ“ Лескоец Охрид, кои на Европското превенство што минатата година се одржа во Пореч, Хрватска, станаа европски вицешампиони и направија историски успех освојувајќи три медали на едно Европско првенство.

Во 2022 година клубот учествуваше на 8 меѓународни натпревари освојувајќи 47 златни медали, 46 сребрени, 70 бронзени и 9 пехари.

Наградата за спортска екипа на годината му беше доделена на Таеквон-до Клубот „Хва Ранг ИТФ“ Лескоец, а за тренер на годината беше прогласен Марјанчо Лазаревски од истиот клуб.

Наградата спортист од друго населено место или странец кој настапува во екипа од Охрид беше доделена на Владимир Бојаниќ од Градски Ракометен Клуб „Охрид“ – Охрид.

Сезонава тој е предводник на ГРК Охрид во Супер лигата. Со просек од 4,5 голови по натпревар, пожртвуваната игра во двата правци, но и со лојалноста и жарот со кој го носи сино-белиот дрес, Владимир Бојаниќ е еден од најзаслужните за пласманот на ГРК Охрид во плеј-офот од Супер лигата.

Спортист/ка од Охрид кој настапуваат надвор од територијата на Општина Охрид беше доделена на Михаил Иваноски од Ракометен Клуб „Алкалоид“ – Скопје.

Тој потекнува од ракометната школа на ГРК Охрид, а втора сезона тој со успех ги брани боите на РК „Алкалоид“ Скопје. Клубот во дебитантската сезона во Супер лигата избори пласман во плеј-офот.

Член е на младата репрезентација на Македонија со која во 2022 година настапи на Медитеранските игри, каде земјава го освои 4 место.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост и на верната публика и на сите.

Со тоа што ги вреднуваме вашите успеси ние како локална самоуправа сакаме да ја потврдиме нашата црвста определба во создавањето на уште подобри услови за развој на сите спортски дисциплини во иднина. За тековната 2023 во општинскиот буџет се издвоени 35 милиони 940 илјади денари за поддршка на спортистите, спортските клубови и спортските манифестации. Почитувани спортисти, вие сте најавтентичните амбасадори на Охрид и затоа упатувам најискрени честитки до вас, вашите клубови, тренери и семејства. Се надевам дека оваа манифестацијата ќе стане дел од една нова спортска традиција бидејќи Охрид заслужува да има врвен спорт и да остави силен печат во спортската историја, истакна Пецаков.

Покрај градоначалникот Пецаков, наградите ги врачија и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, како и претседателот и членовите на Комисјата за избор на „Најдобрите од спортот во општина Охрид за 2022 година“.

Фото галерија

Н.С.Ј./Г.М.
Видео: Крсте Симиџиоски
Фото: Емил Јовановиќ